Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска присуствуваше на отворањето на манифестацијата „Град на културата“ во Крушево, за кој рече дека е град со силен печат за македонскиот идентитет, историја и култура.
-И не случајно што годинава, кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, даваме посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го и град на културата за сите домашни и странски посетители. Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе го промовира македонскиот идентитет и посебност. Да се биде „Град на културата“ не е само титула, тоа е можност да се прикаже уникатниот идентитет на Крушево, богатото наследство, енергичноста на уметничка сцена и посветеноста во негувањето на креативноста и културното изразување. Со оваа манифестација оставаме траен белег и го проектираме Крушево на европската мапа како културен и туристички центар, кажа Костадиновска-Стојчевска.
Министерката додаде дека во текот на оваа година Крушево нема да биде само дестинација за спортистите и авантуристичкиот туризам.
-Ќе биде и културен град во кој посетителите ќе бидат сведоци на многубројни настани, претстави, концерти, изложби и културни искуства кои ќе остават трајно влијание врз сите учесници од различни возрасти. Од уметнички инсталации и театарски продукции до музички фестивали и литературни собири, програмата за „Град на културата“ ќе биде прослава на креативноста во сите нејзини форми. Крушево, и преку оваа програма, само го потврдува фактот дека токму тука најавтентично се допира до големината на Мартиновски и на Тоше, до Васил Иљоски, крушевската куќа, крушевските гастрономски специјалитети, Крушевската Република. Крушево е град музеј, овде се среќаваат вековни традиции и траги на крушевските трговци, прочуени низ светот, на револуционерното минато, објекти и колекции од оваа колепка на уметностите и занаетите. Крушево и во поновата историја продолжува да ја збогатува сликата за својата посебност користејќи ги сите свои ресурси и ретките природни убавин, кажа министерката за култура.
Еден од приоритетите на Министерството за култура е унапредувањето и достапноста на македонска култура, а преку проектот „Културен град“ го зајакнуваме културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, преку соработка со локалната самоуправа. Богатата културна содржина, со вклученост на најразлични групи учесници ќе има свој придонес и за непосредниот економски и туристички поттик на општина Крушево, рече Бисера Костадиновска-Стојчевска.
-Преку еден внимателен и организиран пристап инвестираме во културна инфраструктура, обезбедуваме поддршка за уметниците во подем и поттикнуваме соработка која ќе продолжи да го збогатува културниот пејзаж на градот долго време откако ќе заврши годината. Да се биде „Град на културата“ е додадена вредност на природните убавини на Крушево и можностите за рекреација. Уверена сум дека содржините што ќе ги проследиме оваа година ќе продолжат да бидат инспирација и можност за креирање побогата слика за овој автентичен град. Богатата содржина со вклученост на најразлични групи учесници се одвива преку целата година, има свој придонес и за непосредниот економски и туристички поттик, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Министерката исто така додаде дека „Македониумот“ го внесе Крушево на светската уметничко-архитектонска мапа.
-Останува сите заедно да продолжиме да ги зајакнуваме и да ги осовременуваме македонските културно-историски вредности, но и потенцијали што ги има Крушево. Затоа – дојдете во Крушево бидејќи тоа е жив тестамент на културата. Крушево има своја приказна, која секој треба да ја доживее. Без разлика дали сте уметник, културен ентузијаст, студент, треба да се придружите кон ова неверојатно патување. Заедно, да го прославиме оригиналниот дух на нашето Крушево, и да создадеме наследство што ќе продолжи да ја инспирира и да ја обединува заедницата во годините што доаѓаат. Пред нас е една значајна културна програма во која сигурна сум дека ќе уживаат посетителите, истакна министерката.