Белгиски и европски медиуми објавија заедничка истрага која покажува дека трговци со податоци нудат на продажба масовни локациски записи собрани преку мобилни апликации – во кои се препознаваат и уреди на службеници што работат во зградите на Европската комисија, Европскиот парламент и дури во седиштето на НАТО во Брисел. Истражувањето укажува дека иако податоците формално се „анонимизирани“, движењата лесно се поврзуваат со конкретни лица и функции.
Само во примерокот што го анализирале новинарите, регистрирани се 278 милиони „локациски пингови“ за Белгија (неколку недели во 2024 и 2025). Во Берлајмон – седиштето на ЕК – евидентирани се околу 2.000 пингови од 264 различни уреди; во Европскиот парламент околу 5.800 пингови од 756 уреди; во седиштето на НАТО околу 9.600 пингови од 543 уреди. Таквата грануларност, велат авторите, овозможува профилирање на рутини и чувствителни средби, што отвора ризици за уцени и шпионажа.
Европската комисија на новинарските наоди одговорила дека е „загрижена“ од трговијата со геолокациски податоци и дека упатила нови насоки до вработените за ограничување на ad-tracking поставките – и на службени и на приватни уреди. Пратеници од повеќе групации побараа темата да се третира како прашање на безбедност, а не само на приватност, и да се заостри контролата врз adtech екосистемот и посредниците со лични податоци.
Истражувањето е дел од крос-бордер проект („Databroker Files“) на нетцполитик.орг, Bayerischer Rundfunk, L’Echo, Le Monde и холандското БНР, кои паралелно објавија извештаи и аудио-приказни. Белгиските редакции предупредија дека пакетите со податоци опфаќаат и критични локации – од нуклеарни постројки до воени бази – покажувајќи колку е порозна индустријата на комерцијални SDK-апликации и огласувачки мрежи.
Контекст: праксата на „анонимизирани“ локациски сетови одамна е под лупа на европските регулатори. Но и покрај GDPR и националните авторитети, пазарот на adtech-податоци останува тешко проверлив и фрагментиран. Случајот од Белгија ја враќа дебатата во сржта на европските институции: дали постојните рамки се доволни кога комерцијалните податоци можат да се реупотребат за оперативно следење на државни службеници.

