По ноќ на тешки преговори, министрите за животна средина на ЕУ рано изутринава усогласија прелиминарен компромис околу „ЕУ климатски цели 2040“: намалување на нето-емисиите за 90% во однос на 1990 година, со ограничени флексибилности. Клучната новина е можност до 5% од целта да се покрие преку купување меѓународни јаглеродни кредити – што ефективно го спушта домашниот напор на околу 85%. Дополнително, ЕУ се отвора да разгледа уште 5% меѓународни кредити во иднина, што би го намалило домашниот товар и до 80%, зависно од примената. Данското претседателство го објави исходот по повеќечасовна седница, а формализацијата на текстот се очекува во текот на денот.
Во позадина се судрија два блока: „про-климатскиот“ со Германија, Шведска и Шпанија како најгласни поддржувачи на висока амбиција, и скептичниот табор предводен од Италија и Полска, кои предупредуваа на трошоците по индустријата и конкурентноста. Компромисот го „отвори прозорецот“ за кредити токму за да се добие мнозинство пред COP30 во Белем, Бразил (10–21 ноември 2025), каде ЕУ треба да настапи со консолидиран пакет цели по 2030.
Важно појаснување: меѓународните јаглеродни кредити не се исто што и ЦБАМ (јаглеродно гранично прилагодување). ЦБАМ е царински механизам за увозници од високојаглеродни сектори, додека кредити се „надомест“ што земјите го купуваат за да сметаат дел од намалувањето надвор од домашната економија. Токму ваквата употреба на меѓународни кредити беше клучната отстапка во договорот.
Договорот доаѓа по речиси 18 часа разговори и неколку прекини во ноќните часови, со цел ЕУ да стигне на COP30 со јасен сигнал за патеката од 2030 кон 2050 и климатска неутралност. Иако 90% останува водечка бројка, начинот на пресметка и тежината на домашните намалувања ќе ја одредат вистинската амбиција на терен – од челичарници и цементари до транспорт и енергетика.

