Фестивалот Skopje Design Week 2025 се отвора со саем на еколошки бизниси, 8. и 9. ноември, во PUBLIC ROOM.
Во рамки на второто издание на Саемот, посетителите ќе имаат можност да запознаат и поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени.

По успешното прво издание во 2023 година, Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење Yes for Less повторно ја обединува македонската еко-заедница на вториот Саем на еколошки бизниси, кој ќе се одржи на 8. и 9. ноември, 2025 година во Public Room, Скопје. Настанот е дел од Skopje Design Week 2025, што ќе се одржи под мотото „Циркуларен начин на размислување“.
Бесплатен влез – откриј, купи, инспирирај се!
Саемот е отворен и бесплатен за сите посетители. Ве покануваме да ја откриете новата генерација на македонски еко-бизниси, да купите производи со позитивен импакт и да се инспирирате од луѓе кои секојдневно работат за поздрава животна средина. Да покажеме дека одржливиот избор е кул избор!

Локална иновација и глобална еко визија
Skopje Design Week 2025 и оваа година се позиционира како креативна платформа што ги поврзува дизајнот, модата, музиката, гастрономијата и одржливиот бизнис, промовирајќи иновативни решенија за регенеративен дизајн и локален развој.
Во рамки на второто издание на Саемот, посетителите ќе имаат можност да запознаат и поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени.

На саемот ќе бидат претставени природна козметика, накит од рециклирани материјали, рачно изработени производи, уникатна облека од природни и реупотребени материјали, како и други еко-алтернативи за секојдневна употреба. Целта е да се покаже дека еколошките производи не се само подобри за животната средина, туку и поздрави за луѓето, без вештачки бои, парфеми или штетни хемикалии .
Yes for Less – заедница што инспирира промени
Бизнисите учесници се дел од мрежата на зелени бизниси на платформата www.yesforless.mk, која им овозможува на граѓаните да откријат еколошки навики, совети и производи на едно место. Платформата промовира одржлив развој и граѓанско учество, нудејќи простор за размена на идеи и заедничко решавање на еколошките предизвици во земјата.
Работилници за одржливост
Покрај изложбениот дел, Yes for Less ќе организира две тематски работилници во рамки на Skopje Design Week: „Дизајн за одржливост: Користење на дождовницата во секојдневието“, „Еко-села за дигитални номади во Македонија“, поддржана од ресторанот Кутмичевица од Вевчани – семеен етно пансион кој ја спојува традицијата, гастрономијата и одржливиот туризам.
Поддршка и порака
„Со овој саем и работилници сакаме да покажеме дека во Македонија постојат бизниси со силна визија за придонес кон одржливиот развој. Целта е да ги поврземе со граѓаните и да ги охрабриме да направат барем еден зелен избор повеќе во своето секојдневие“, велат од Yes for Less.
Настанот е поддржан од Грин Ленд Груп, лиценциран колективен постапувач специјализиран за управување со отпадни масла од автомобили и други возила.

