Македонскиот јазик ќе постои сè додека ние го зборуваме, порача директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, на отворањето на 10. Отворени денови на оваа научна институција.
Според неа, иако македонистиката веќе 80 години се проучува и негува како основа на идентитетот, денес најголем предизвик претставува навлегувањето на странските зборови, особено кај младите.
„Го гледаме тоа и во секојдневната комуникација – дури и кога зборуваат со родителите, во нивниот јазик доминираат англицизми. Додека е тоа само на лексичко ниво, можеби е минливо, но кога навлегува во граматиката, тогаш станува сериозен проблем“, предупреди Јованова-Грујовска.
Таа потсети дека секоја генерација имала свој жаргон, но дека денес трендот да се зборува „на половина англиски“ веќе влијае врз структурата на јазикот. „Во 19 век францускиот бил јазик на престижот, денес тоа е англискиот. Но македонскиот се зборува само овде – и ќе живее само ако го употребуваме“, додаде таа, повикувајќи на поголема свест кај новинарите, наставниците и родителите.
Студентите од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје велат дека интересот за изучување на мајчиниот јазик постои и дека годишно се запишуваат околу 20 нови студенти. „Љубовта кон пишувањето и јазикот ја имаме уште од мали нозе – важно е таа љубов да ја пренесеме и на следните генерации“, велат тие.
Институтот во рамки на 10. Отворени денови одбележува и неколку јубилеи: 80 години од усвојувањето на македонската азбука и првиот правопис, 100 години од „Абецедарот“, како и годишнини од раѓањата на македонските лингвисти Трајко Стаматоски, Божидар Видоески, Зденка Рибарова и Убавка Гајдова.
Во чест на настанот, отворена е и изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин.

