Полицаецот со иницијали Н.А. од Скопје, вработен во Полициската станица Аеродром, е осомничен дека стои зад организирана група која во текот на повеќе месеци крадела бакарни кабли од кругот на поранешната фабрика „Железара“ во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, полицаецот заедно со уште три лица, во периодот од јануари до мај оваа година, однел високоенергетски и среднонапонски кабли од објектот на фирмата „Полуконти – ИГМ“ и од подземните тунели низ кои минуваат каблите за напојување со електрична енергија.
Вкупната материјална штета се проценува на околу 440.000 евра, а украдените кабли биле во сопственост на АД ЕСМ – Електрани на РСМ, Подружница Енергетика Скопје, и на „Макстил“ АД Скопје.
Основното јавно обвинителство – Скопје донело наредба за спроведување истрага за тешка кражба согласно член 236 став 4 во врска со став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Според истрагата, полицаецот ја користел својата службена положба за да им овозможи на соучесниците непречен пристап до објектите и кабловските тунели во индустрискиот комплекс.

