Криминални банди во Велика Британија произведуваат сопствени лекови за слабеење

Организираните криминални групи во Велика Британија започнале да произведуваат и продаваат сопствени брендови на лекови за слабеење, кои ги претставуваат како оригинални фармацевтски производи. Овие копии, внимателно дизајнирани да изгледаат идентично на вистинските, претставуваат сериозна закана за здравјето на граѓаните, соопшти британската Агенција за регулација на лекови и здравствени производи (MHRA).

Шефот на единицата за спроведување кривични дела при MHRA, Енди Морлинг, предупреди дека криминалните организации вложуваат средства во сопствено пакување и брендирање на фалсификувани лекови, со цел да ги измамат купувачите. „Криминалците создаваат професионално пакување и ги продаваат своите производи како оригинални, иако се нелиценцирани и незаконски за продажба во Обединетото Кралство“, изјави Морлинг за The Guardian.

Во октомври, при првата полициска рација во нелегална фабрика за лекови за слабеење во Нортемптон, биле запленети десетици илјади празни туби подготвени за полнење, сурови хемиски состојки, како и повеќе од 2.000 нелиценцирани дози од лековите ретатрутід и тирзепатид, кои биле наменети за продажба преку интернет.

„Новиот модел на производство и нивото на инвестиции во опремата и пакувањето покажуваат дека станува збор за организиран криминал во индустриски размери. Работиме на тоа овој модел да го елиминираме пред да се прошири на пазарот“, додаде Морлинг.

Од MHRA соопштија дека ваквите производи им даваат на купувачите лажна сигурност, оставајќи впечаток дека купуваат оригинален лек, додека всушност се изложуваат на сериозни здравствени ризици.

Зачлени се на нашиот е-билтен