Во предметот „Пулс“ ќе бидат ангажирани 15 обвинители, најви Коцевски

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска најави дека во предметот за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ ангажирани ќе бидат 15 јавни обвинители, за како што кажа тој, да не доаѓа до одложување на рочиштата по вина на Обвинителството.

„Во судница ќе го застапуваат обвинението истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека вчера имавме состанок, најверојатно уште неколку обвинители ќе ангажираме имајќи предвид, да не се отежне односно да не се наруши постапката на другите обвинители, што имаат други предмети, што значи дека можеби не секогаш ќе присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по, да не речам, вина на обвинителството“, изјави Коцевски, додавајќи дека обвинението ќе го застапуваат можеби и вкупно 15 обвинители.

Коцевски изјави и дека истрагата за полициските службеници, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, било предвидено да заврши до крајот на септември годинава, меѓутоа имало објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе биде донесена и јавнообвинителска одлука.

Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени напатствија и наредби за преземање на надлежните органи на одредени процесни дејствија.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде загинаа 63 лица, е закажано за на 19 ноември во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен