Алармантен раст на тендерите во здравството – услугите се намалуваат, сумите растат

Во последната деценија вредноста на јавните набавки во здравствениот сектор во Македонија е зголемена за повеќе од два и пол пати – од 126 милиони евра во 2015 година на дури 315 милиони евра во 2024 година.

Истовремено, бројот на болнички случаи и здравствени услуги за граѓаните бележи континуиран пад, покажува новото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

Според анализата, зголемувањето на вредноста на тендерите не може да се оправда со инфлацијата, бидејќи цените на лековите се под државна контрола.

„Констатиравме огромен јаз меѓу вредноста на јавните набавки и опаѓањето на услугите кон пациентите. Во изминатите десет години бројот на болнички случаи е намален за 14 проценти, болничките денови за 24 проценти, а специјалистичките прегледи на 55 клиники и болници за 19 проценти,“ вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Помал број понудувачи – поголем ризик

Извештајот укажува и на сериозен проблем со конкуренцијата на тендерите во здравството. Минатата година, од вкупно 3.373 јавни набавки, на речиси секој тендер се пријавила само една компанија.

Овој тренд, според Центарот, покажува дека бизнис-заедницата сè повеќе го губи интересот за учество во постапки каде што, како што велат, „резултатите се однапред познати“.

„Просечниот број на понуди во здравството е понизок од националниот просек. Над половина од годишната вредност на набавките, односно повеќе од 150 милиони евра, се склучуваат со само една пристигната понуда. Тоа овозможува максимални цени, особено кога станува збор за лекови,“ додава Факиќ.

Десетгодишен тренд со јасна порака

Истражувањето го опфаќа периодот од 2015 до 2024 година и има за цел да покаже дали растот на тендерите донел подобрување на здравствените услуги. Податоците, сепак, сугерираат спротивното – јавните набавки растат, а квалитетот и обемот на здравствените услуги опаѓаат.

Заклучокот на Центарот е јасен: дисбалансот меѓу трошоците и реалните резултати во здравството отвора сериозни сомнежи за зголемени корупциски ризици.

Зачлени се на нашиот е-билтен