Судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе започне следната недела, а Јавното обвинителство најавува засилување на тимот кој ќе ја застапува обвинителната страна.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека обвинителите кои досега го воделе случајот ќе продолжат со застапување во судницата, но ќе бидат ангажирани и дополнителни обвинители со цел ефикасно и непречено судење.
Во однос на истрагата за полициските службеници, која требаше да биде завршена до крајот на септември, Коцевски посочи дека поради објективни причини и потреба од сослушување на повеќе сведоци, јавнообвинителската одлука се очекува на почетокот на декември.
За предистрагата поврзана со службеници од Управата за јавни приходи (УЈП), тој информираше дека предметот се води во Основното јавно обвинителство Кочани, кое веќе дало насоки и наредби за преземање процесни дејствија.
Судскиот процес ќе го следи и Хелсиншкиот комитет
Хелсиншкиот комитет за човекови права најави дека ќе ја следи судската постапка, која ќе започне на 19 ноември во Казнено-поправната установа Идризово.
„Го повикуваме судството да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, како и целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата. Воедно бараме достоинствен третман на жртвите и нивните семејства во текот на процесот,“ порачаа од Комитетот.
Марш за правда во чест на жртвите
Хелсиншкиот комитет ја изрази својата поддршка за Маршот за правда, најавен за 15 ноември од страна на семејствата на загинатите. Маршот ќе започне на Плоштад Македонија, ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши кај Основниот кривичен суд во Скопје.
Од Комитетот нагласуваат дека граѓанскиот активизам и мирниот протест се легитимни форми на изразување на незадоволство, и потсетуваат дека правдата за жртвите не смее да биде одложена.

