Дали новите лектири ќе се читаат од љубопитност наместо од обврска?

 По шест години застој, Бирото за развој на образованието реши да го отвори едно од најчувствителните прашања во наставата по мајчин јазик – списокот на лектири. Предложени се 58 нови наслови, 17 преместувања и седум отстранувања од постојната листа, со цел учениците да добијат помодерна, инклузивна и поинтересна содржина. Јавната расправа трае до крајот на ноември, а новата листа се очекува да стане дел од наставата од учебната 2026/2027 година.

Во новиот предлог-список за задолжителна лектира, што Бирото за развој на образованието го подготви по шест години, забележливи се сериозни промени во речиси сите одделенија од основното образование. Некои класични дела заминуваат, а на нивно место доаѓаат нови наслови, со цел списокот да стане поразновиден, современ и поблизок до интересите на денешните ученици. Во исто време, изборните списоци значително се прошируваат, па наставниците и учениците ќе имаат многу поголем избор на книги што можат да ги вклучат во наставата.

Во второ одделение, „Сказни“ од браќата Грим преминува од задолжителна во изборна лектира.
Во трето одделение, на задолжителната листа се додава „Орхан“ од Неџати Зеќирија.
Во четврто одделение, сите три постојни дела – „Петар Пан“, „Сказна за детето Вилен“ и „Итар Пејо“ – се заменуваат со три нови наслови: „Бајки од Македонија“ од Билјана Црвенковска, „Безборовната Ела“ од Викторија Патрашку и „Волшебникот од Оз“ од Лиман Франк Баум, а претходните одат во изборни.
Во петто одделение „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески и збирката поезија „Убави зборови“ од Иван Џепроски од задолжителни одат во изборни, а на списокот за задолжителни се додава делото „За копчето и за среќата“ од Јасминка Петровиќ.
Во шесто одделение, од задолжителната програма излегуваат „Белото циганче“ од Видое Подгорец и „Црни и жолти“ од Славко Јаневски, а нивното место го зазема „Матилда“ од Роалд Дал.
Во седмо одделение, како задолжително останува само „Силјан Штркот“, а се додаваат три нови книги – „Приказна за Доктор Дулитл“ од Хју Лофтинг, „Без зборови“ од Џенифер Мук Сенг и „Авантурите на Том Соер“ од Марк Твен. Истовремено во изборни одат „20.000 илјади под морето“ од Жил Верн, „Збунети години“ од Велко Неделковски и „Перуновата стрела“.
Во осмо одделение делата „Александра“ од Томе Арсовски, „Дневникот на Ана Франк“ и „Бегалка“ од Васил Иљоски одат во изборни, а на нивно место доаѓаат „Марта“ од Горјан Петревски, „Мио, мој Мио“ од Астрид Линдгрен и „Емил и детективите“ од Ерих Кестнер.
На крај, во деветто одделение од задолжителниот список се изземаат„Автобиографија“ од Григор Прличев и антологијата „Црни овци“, а влегуваат четири нови дела: „Застани на небото“ од Ерин Боу, повторно „Дневникот на Ана Франк“, „Повик на дивината“ од Џек Лондон и „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери.


Но оваа промена не е само техничка – таа е симптом на многу подлабок проблем.

Последниве години, наставниците забележуваат дека децата сè помалку читаат, а кога читаат – сè почесто тоа го прават на англиски јазик, преку кратки содржини, екрани и социјални мрежи. Македонскиот јазик, како предмет што некогаш бил столб на писменоста и културното изразување, полека го губи значењето што го имаше пред десетина години. Се повеќе млади луѓе не умеат да се изразат ниту писмено ниту усмено, а разговорот меѓу децата, па и во семејството, го заменува чатувањето.

Наставата, пак, дополнително ја намалува можноста за комуникација. Учениците главно се оценуваат преку писмени задачи, додека усмената комуникација речиси исчезнува од училниците. Така, училиштето станува место каде што се проверува граматиката, но не и мислата. Се губи слободата да се размислува, да се дебатира и да се зборува – вредности што токму лектирите, ако се обработуваат правилно, можат да ги поттикнат.

Затоа, промената на списокот на лектири доаѓа како обид да се врати интересот кон читањето и да се поврзе наставата со реалноста во која живеат децата. Новите наслови не треба да ги заменат класиците, туку да понудат контекст што ќе им биде поблизок – приказни за идентитет, пријателство, различност, екологија, семејство, како и современи теми што зборуваат на јазикот на новите генерации. Целта е книжевноста повторно да стане алатка за развивање на критичко размислување, емпатија и емоционална интелигенција.

Од Бирото велат дека идејата не е да се „избришат старите книги“, туку да се најде рамнотежа меѓу книжевната вредност и современата чувствителност. Новата методологија ќе бара помалку „прераскажување“, а повеќе разбирање, анализа, креативни проекти и работа во група. Наместо механичко повторување на содржината, учениците би требало да учат како да ја читаат приказната меѓу редови, како да го откријат ставот на авторот и да го поврзат со сопственото искуство.

Наставниците ја поздравуваат иницијативата, но предупредуваат дека успехот нема да зависи само од тоа кои книги ќе бидат на списокот, туку од тоа како тие ќе се обработуваат. За да се оживее лектирата, потребно е време, обука и поддршка – затоа што секоја книга може да стане досадна ако ѝ се пристапи на погрешен начин. А од друга страна, и наједноставната приказна може да стане лекција за животот ако се сподели низ разговор, дебата или креативна задача.

Проблемот со читањето не почнува во училиштето, ниту завршува таму. Тој се раѓа дома – во семејства каде што телевизорот и телефонот одамна го замениле зборот, а книгата е симбол на нешто „за училиште“, а не за уживање. Ако не почнат промени на повеќе нивоа – во наставата, во домот, во начинот на кој им пристапуваме на децата – ризикуваме да добиеме генерации кои немаат капацитет да водат разговор, да ги формулираат своите мисли или да ги препознаат нијансите на еден јазик.

Од Бирото за развој на образованието велат дека динамиката на менување на лектирниот список не е фиксна, туку зависи од реалната потреба во наставниот процес. Таа се утврдува врз основа на реакции на наставници, резултати од анкети и фокус-групи со ученици, како и од усогласување со новите наставни програми.

„Важно е лектирите да живеат со времето, а не да заостануваат зад него“, вели директорката на Бирото за развој на образованието Милка Тримчевска.

„Новите наслови се резултат на опсервација и дијалог – со наставниците, учениците и стручната јавност. Целта не е да се избришат класиците, туку да се создаде рамнотежа меѓу традицијата и современите вредности.“

Причини за промената: нови програми, нови интереси, ново време

Промените, според БРО, се должат на три клучни фактори: новите наставни програми што воведуваат инклузија и современи теми; променетите интереси на учениците; потребата од современ и инклузивен пристап во наставата.

„Дел од старите дела едноставно не комуницираат со денешниот ученик. Децата денес имаат поинаков јазик, поинаков свет. Промената не е бришење, туку освежување – внесуваме книги што го поттикнуваат ученикот да мисли, да чувствува и да се препознае себеси во текстот,“ додава Тримчевска.

Милка Тримчевска

Во новата листа, БРО внимава на жанровска разновидност, баланс меѓу домашни и странски автори, и книги што носат пораки за различност, емпатија и разбирање.

„Во секое одделение има барем едно дело што обработува тема поврзана со различноста – било тоа да е физичко или интелектуално ограничување, социјална нееднаквост или различен начин на живеење. Целта е децата да учат почит и прифаќање на различните,“ објаснува Тримчевска.

Промената се надоврзува и на реформите во наставата – во кои читањето со разбирање, креативноста и критичкото мислење стануваат приоритет. Наместо класични тестови и прераскажувања, наставниците ќе се поттикнуваат да применуваат дебати, драматизации, анализи и лични ставови.

Наставниците: „Листата мора постојано да се освежува, но и да се менува начинот на читање“

Наставничката по македонски јазик, м-р Љупка Чешмеџиевска, ја поздравува промената, но предупредува дека списокот сам по себе не е доволен.

„Списокот на делата понудени како лектира нужно е да има поголема динамика и да трпи промени. Читањето носи бројни придобивки – развива критичко размислување, емоционална интелигенција и ја збогатува културата на ученикот,“ истакнува таа.

„Децата не читаат затоа што не чувствуваат блискост со текстот. Многу од лектирите се оддалечени од нивниот свет, од темите за кои тие размислуваат. Ако им понудиме приказни што зборуваат на нивниот јазик, тогаш ќе имаме шанса да ги добиеме назад,“ вели таа.

Но, додава таа, лектирите мора да го одразуваат времето во кое живеат децата денес:

„Учениците повеќе не сакаат долги, историски или премногу сложени текстови. Тие бараат динамични, модерни и блиски содржини – со фантастика, хумор или авантура. Ако сакаме да им ја вратиме љубовта кон книгата, треба да ги слушаме нивните интереси.“

Чешмеџиевска нагласува дека денешните ученици се визуелни генерации – навикнати се на брзи слики и кратки содржини – и токму затоа на наставниците им е тешко да задржат внимание со традиционалниот начин на обработка.

„Наместо прераскажување, треба да ги вклучиме децата во разговор, дебата, да прават мали проекти поврзани со темата на книгата. Ако детето може да ја поврзе книгата со сопственото искуство, тогаш лектирите повторно ќе станат живи,“ додава таа.

Но наставниците, вели, имаат уште еден сериозен предизвик – злоупотребата на интернетот и на вештачката интелигенција. Сѐ повеќе ученици предаваат текстови што не се нивни, а тоа дополнително ја руши врската меѓу читателот и делото.

Еден од најголемите предизвици, нагласува Чешмеџиевска, е копирањето содржини од интернет и злоупотребата на вештачката интелигенција, што ја нарушува самостојноста во читањето и размислувањето.

„Децата лесно пристапуваат до готови анализи, често неточни, и така се губи вистинската смисла на читањето. Но технологијата не треба да се гледа како непријател – туку како сојузник,“ додава таа.

Таа смета дека дигитализацијата може да биде алатка за побогат пристап до лектирите: е-лектири, аудио книги, филмски адаптации и едукативни видеа.

„Една електронска архива на лектири би овозможила полесен пристап и поинтересна интерпретација. Така лектирите би се приближиле на модерен, интерактивен начин,“ објаснува Чешмеџиевска.

Според Чешмеџиевска, при изборот на лектири треба да се почитуваат неколку принципи: уметнички квалитет, жанровска и тематска разновидност, рамнотежа меѓу домашни и странски дела, соодветност на возраста и интересите.

Издавачите: „Редно беше да се освежи списокот – но важно е процесот да остане отворен“

Од издавачка перспектива, промените ги поздравува и Жарко Кујунџиски, автор и сопственик на издавачката куќа „Антолог“. Тој вели дека системот одамна им должеше на учениците модерна и транспарентна листа на лектири.

Жарко Кујунџиски

„Редно беше списокот да се надополни. Процесот на јавно советување е добар чекор, но треба да се оди уште подлабоко – со вклучување на наставници, автори и издавачи во долгорочна стратегија,“ вели Кујунџиски.

Тој укажува дека оваа промена може да го поттикне домашното книгоиздаваштво, да отвори простор за нови изданија и за афирмација на современи македонски автори.

„Важно е децата да читаат и современи македонски книги, не само класици. Така ќе почувствуваат дека нашиот јазик е жив и актуелен, дека на македонски можат да се кажат и најмодерните приказни,“ вели тој.

„За потребата од промена во изборот на книги за лектири, како издавач, но пред сè како родител, зборувам веќе речиси една деценија. Често можевме да видиме реакции од родители кои укажуваа на наслови несоодветни за возраста на децата,“ вели Кујунџиски.

Помеѓу книгата и екранот – борба за вниманието на новата генерација

Промената на списокот на лектири можеби изгледа како техничка мерка, но всушност ја отвора една од најважните теми во образованието – како да ги научиме децата да читаат во дигиталното време.

Новата листа е само почеток. Потребно е училиштата да создадат жив контакт меѓу детето и книгата, наставниците да имаат слобода во пристапот, а издавачите да обезбедат современи и достапни изданија.

Ако тоа успее, ќе се врати и изгубената навика да се чита со љубопитност, а не од обврска.

Ако не – ќе продолжиме да гледаме генерации што умеат да „пребаруваат“, но не и да разберат.

Зачлени се на нашиот е-билтен