Амбасадорот на Италија во Србија, Лука Гори, изјави на отворањето на конференцијата „Западен Балкан 2030“ во Центарот „Сава“ во Белград дека во Европската унија постои нов замав во процесот на проширување и дека се создава нова геополитичка свест за неговото значење.
„Проширувањето е и ќе остане важен елемент на новата безбедносна архитектура на Европа“, истакна Гори на почетокот на конференцијата, која ги обедини претставниците на меѓународни, европски и регионални институции и влади, како и инвеститори и иноватори.
Оваа година, конференцијата што ја организира магазинот The Region опфаќа три панели посветени на регионалната интеграција и пристапувањето кон ЕУ, зелената транзиција и дигитализацијата и модернизацијата.
„Кога зборуваме за проширувањето кон Западен Балкан, од една страна се трудиме да ги затвориме поглавјата и кластерите и да ги трансформираме земјите во полноправни членки. Од друга страна, тоа е и геополитичка игра во која се натпреваруваме со други глобални актери“, изјави Гори.
Тој нагласи дека Европската унија мора да направи два клучни чекора:
„Прво, да ја преиспита методологијата на проширувањето. Второ, да спроведе реформи во рамките на Унијата за да може да ги прими новите членки. Ако сакаме да бидеме кредибилни во процесот, мораме и реално да напредуваме“, рече тој.
Гори додаде дека евроинтеграцијата на регионот се одвива низ три паралелни процеси – формалниот, преку преговори и отворање на поглавја; економскиот, преку заедничкиот пазар и развојниот план; и де факто интеграцијата, односно практичното поврзување на регионот.
„Овие три процеси не треба да бидат одвоени, туку синхронизирани, за регионот вистински да се движи кон ЕУ,“ изјави амбасадорот.
Тој нагласи дека Италија сака сите земји од Западен Балкан да станат членки на Унијата, бидејќи, како што рече, „во регионот не смеат да се создаваат нови поделби“.
„Но тоа не зависи само од нас, туку и од самите влади на државите во регионот,“ додаде Гори.
На почетокот на конференцијата зборуваше и постојаната координаторка на Обединетите нации во Србија, Матилде Морт, која истакна дека за подлабока регионална интеграција е неопходен развој на инфраструктурата и прекуграничните енергетски врски, особено во делот на преносот на електрична енергија.
Таа посочи дека инвестициите се само еден дел од интеграциите, а дека човечкиот капитал е подеднакво важен.
Целта на конференцијата е да го истакне потенцијалот на Западен Балкан да придонесе за создавање на поконкурентна, поодржлива и подобро поврзана Европа. Намерата е до 2030 година овој форум да се одржува секоја година и во други градови низ регионот – како постојано место за дијалог, соработка и претворање на идеите во конкретни акции и партнерства.

