Boeing мора да исплати 28 милиони долари на семејството на жртва од падот на нивниот авион

Поротата на федералниот суд во Чикаго во средата му нареди на Boeing да исплати повеќе од 28 милиони долари на семејството на вработена во Обединетите нации за заштита на животната средина, која загина во падот на авионот Boeing 737 MAX во Етиопија во 2019 година.

Пресудата во корист на семејството на Шика Гарг е првата во низата тужби поднесени поради таа несреќа и уште една слична во Индонезија во 2018 година, во кои вкупно загинаа 346 лица.

Според договорот меѓу страните, постигнат синоќа, семејството на Гарг ќе добие 35,85 милиони долари – полниот износ на пресудата плус 26 проценти камата – а Boeing нема да поднесе жалба, соопштија адвокатите на семејството.

Неисправен систем придонел за двете несреќи

Адвокатките Шанин Спектер и Елизабет Крафорд, кои го застапувале семејството, во изјавата рекоа дека пресудата „обезбедува јавна одговорност за незаконското однесување на Boeing“.

Гарг имала 32 години кога летот 302 на Ethiopian Airlines, од Адис Абеба (Етиопија) до Најроби (Кенија), се урнал само неколку минути по полетувањето, потврдија нејзините адвокати.

Во тужбата се наведува дека авионот Boeing 737 MAX бил неправилно дизајниран и дека компанијата не ги предупредила патниците и јавноста за неговите ризици.

Летот на Ethiopian Airlines се срушил пет месеци по сличната несреќа на летот 610 на Lion Air, кој паднал во Јаванското Море во Индонезија. Неисправниот автоматизиран систем за контрола на летот придонел за двете катастрофи.

Зачлени се на нашиот е-билтен