ЕУ бара построги безбедносни проверки од Србија при доделување државјанство на странци

Европската комисија препорача Србија да воведе ригорозни безбедносни проверки при доделувањето државјанство на странски државјани, поради тоа што носителите на српски пасош уживаат безвизен режим со Европската Унија.

На прашањето на Радио Слободна Европа за зголемениот број руски државјани кои добиваат српско државјанство, од Европската комисија изјавија дека ЕУ има намера да го продолжи дијалогот со Белград за ова прашање.

„Брзото стекнување право на безвизно патување во ЕУ преку доделување српско државјанство на руски државјани може да претставува потенцијален безбедносен ризик за Унијата“, соопшти прес-службата на Комисијата, додавајќи дека не сака да шпекулира за можните чекори што би можеле да следат.

Во најновиот извештај за напредокот на Србија, Европската комисија повторно укажа дека практиката на масовно доделување државјанство на руски државјани претставува безбедносен предизвик за ЕУ.

Според анализата на РСЕ, од 121 владина одлука за доделување државјанство во 2025 година, речиси две третини се однесуваат на граѓани на Русија.

Овие случаи се спроведени преку посебна постапка, што овозможува добивање српско државјанство доколку тоа претставува „интерес за Србија“. Вистинскиот број може да биде и поголем, бидејќи податоците од редовната постапка не се јавно достапни.

Од 2022 година – кога Русија ја започна инвазијата врз Украина – бројот на руски граѓани кои добиле српско државјанство континуирано расте, покажуваат податоците објавени во Службен весник на Србија.

Зачлени се на нашиот е-билтен