ЕУ воведува јаглероден данок од 2026 – Србија се прилагодува, Македонија сè уште тапка во место

Од 1 јануари 2026 година, Европската унија официјално го воведува Механизмот за прилагодување на цената на јаглерод на границите (CBAM – Carbon Border Adjustment Mechanism). Со оваа регулатива, сите земји што извезуваат стоки во ЕУ – вклучително и електрична енергија, цемент, челик, ѓубрива и алуминиум – ќе мора да плаќаат посебен „данок на јаглерод“, доколку нивната земја нема сопствен систем за наплата на емисиите на CO₂.

Што значи CBAM?

CBAM има за цел да спречи „јаглероден протек“, односно ситуација во која компаниите би го префрлиле загадувачкото производство надвор од ЕУ, во земји без строги климатски правила. Со овој механизам, увозниците во ЕУ ќе мора да купуваат „јаглеродни сертификати“ за секоја тона емисија што настанала при производството на производите што ги увезуваат.

Со други зборови – ако производителите надвор од ЕУ не плаќаат за емисиите дома, ќе плаќаат на границата со ЕУ.

Србија воведува сопствен данок на CO₂ – 4 евра по тон

Во регионот, Србија е првата земја што ќе воведе национален данок на јаглерод, во висина од 4 евра по тон CO₂ од 2026 година. Ова е обид Белград да избегне двојно оданочување и да ги усогласи своите правила со европските.

Според проценките на српскиот Фискален совет, CBAM би можел да ја чини Електропривреда Србије (ЕПС) речиси 200 милиони евра годишно, поради тоа што извозот на „прљава енергија“ во ЕУ ќе стане далеку поскап.

А што прават другите земји од регионот?

Земјите од Западен БалканБосна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонијасè уште немаат воспоставено сопствени системи за тргување со емисии (ETS). Законите се во фаза на подготовка или најавени за усвојување во 2026–2027 година, но до тогаш, ЕУ ќе ги смета емисиите при производството во овие земји како „некомпензирани“ и ќе наплатува CBAM на граница.

Тоа значи дека македонските, црногорските или босанските извозници во ЕУ ќе мора да се соочат со дополнителен трошок, сè додека нивните држави не воспостават сопствен систем на наплата на емисиите на CO₂.

Македонија сè уште без јасен модел

Иако Министерството за животна средина веќе подготви Стратегија за климатска неутралност до 2050 година, Закон за климатска акција кој би го дефинирал системот за тргување со емисии (ETS) сè уште не е донесен.
Додека го чекаме законот, европските увозници веќе ќе ги пресметуваат нашите емисии во своите царински давачки, што може да ја намали конкурентноста на македонската индустрија на пазарот на ЕУ.

CBAM не е казна, туку продолжение на европскиот систем за тргување со емисии (ETS), кој во ЕУ функционира уште од 2005 година. Но за земјите што не се подготвени – меѓу нив и дел од регионот – тој може да значи сериозен финансиски удар.

Ако државите не го воведат својот систем за наплата на јаглерод, ЕУ ќе го направи тоа за нив – на граница.

Зачлени се на нашиот е-билтен