Научниците го идентификуваа вирусот Епштајн-Бар како можен главен предизвикувач на лупус, хронична и опасна болест што ги напаѓа сопствените ткива на телото
Ново истражување на Универзитетот Станфорд открива дека чест вирус од детството — вирусот Епштајн-Бар (EBV) — може да биде главниот предизвикувач на лупус, автоимуна болест која зафаќа милиони луѓе низ светот.
Студијата, објавена во списанието Science Translational Medicine, покажува дека вирусот може да го „залаже“ имунолошкиот систем да почне да ги напаѓа сопствените клетки и ткива.
„Ова е најважното откритие во мојата научна кариера,“ изјави професорот Вилијам Робинсон, имунолог и ревматолог од Станфорд, кој го предводеше истражувањето.
„Веруваме дека ова објаснува речиси сите случаи на лупус.“
Што е лупус и како делува вирусот?
Лупусот е хронична автоимуна болест при која имунолошкиот систем по грешка ги напаѓа здравите ткива, предизвикувајќи воспаленија на кожата, зглобовите, срцето, бубрезите и нервниот систем.
Околу 90 % од заболени лица се жени, а дел од нив развиваат и животозагрозувачки компликации. Засега не постои лек за болеста.
Вирусот Епштајн-Бар е најпознат по тоа што предизвикува инфективна мононуклеоза, популарно наречена „болест на бакнежот“.
Повеќе од 90 % од возрасните луѓе ширум светот го носат вирусот, кој најчесто се пренесува преку плунка – со бакнување, споделување храна или пијалаци.
Откако ќе влезе во организмот, вирусот се „крие“ во Б-клетките – имунолошки клетки што произведуваат антитела. Кај некои луѓе, вирусот успева да ги измами овие клетки и да ги натера да ги напаѓаат сопствените ткива.
Истражувачите откриле дека кај пациентите со лупус, бројот на вакви заразени клетки е дури 25 пати поголем отколку кај здравите луѓе.
Како го прави тоа вирусот?
Научниците откриле дека вирусот создава протеин наречен EBNA2, кој ги активира човечките гени поврзани со воспаление.
Кога овие клетки ќе станат премногу активни, тие предизвикуваат целосна автоимуна реакција, типична за лупус.
Овој механизам, според тимот од Станфорд, може да биде поврзан и со други автоимуни заболувања, како што се мултипла склероза, ревматоиден артритис и Кронова болест.
Вакцина против вирусот?
Неколку фармацевтски компании веќе работат на вакцина против Епштајн-Бар вирусот, а некои клинички испитувања се во тек.
Вакцината би можела да спречи инфекција кај децата, но нема да помогне кај луѓето кои веќе го носат вирусот – што е речиси целата возрасна популација.
Зошто ова е важно?
Истражувањето конечно дава јасна слика за тоа како еден обичен вирус може да предизвика сложени болести што со децении ги збунуваат научниците.
Доколку се потврди оваа врска, идните терапии би можеле да се насочат кон спречување или блокирање на активноста на вирусот, наместо само кон лекување на симптомите.

