Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј од ДНК, повикува на 30-тиот „Марш на ангелите“

„Да чекориме со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние што повеќе не можат да чекорат“

Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на прерано починатиот Андреј од групата ДНК, повторно ја разбуди колективната болка и сочувство со неколку потресни видеа што ги сподели на социјалните мрежи — повикувајќи на поддршка на 30-тиот „Марш на ангелите“.

https://www.facebook.com/share/r/1ByGQisvP8/?mibextid=wwXIfr

Во едно од видеата, Наталија објави снимки од кобната ноќ во дискотеката „Пулс“, каде избувна пожарот што однесе повеќе млади животи. На видеото се гледа како публиката безгрижно се забавува, а потоа — хаос, паника и очај додека луѓето се обидуваат да избегаат од огнот.

Болка што не замолчува

Во друго видео, Наталија сподели нежна семејна снимка на која Андреј со ќеркичката Јана се вози на жичара.
„Мавни ѝ на мама“, вели низ насмевка Андреј, додека малата Јана плашливо додава:
„Многу е страшно.“
„Не е страшно,“ ја теши тој — момент што денес го прободува секое срце што ќе го погледне.

„Да чекориме за оние што повеќе не можат“

Првата снимка, која ја објави Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“, е дел од нивниот апел за поддршка на родителите на жртвите и барање правично судење.

„Да чекориме со љубов, со болка и со достоинство — во име на оние што повеќе не можат да чекорат,“ стои во нивниот повик.

30-ти „Марш на ангелите“ – 15 ноември, Плоштад Македонија

Маршот ќе се одржи во сабота, на 15 ноември, со почеток во 12:05 часот на Плоштад Македонија.
Настанот, кој прерасна во симбол на сеќавање, солидарност и борба за правда, повторно ќе ги обедини семејствата, пријателите и сите граѓани кои не сакаат заборавот да биде последната страница на оваа трагедија.

Зачлени се на нашиот е-билтен