По објавата на Фејсбук дека распишал јавна набавка за првата фаза од подземната сообраќајница, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска уште еднаш потврди дека продолжува проект кој е целосно наследен од претходниот градоначалник Петре Шилегов, и којшто во суштина е одамна готов. Наместо да разјасни што навистина е ново, тој само ги повтори фактите кои веќе четири години стојат во фиока, и тоа дека тунелот под Лимак е изграден, коридорот е оформен, а градот со години не мрднал со прст.
Ѓорѓиевски, на новинарски прашања, призна дека подземната сообраќајница под Лимак е завршена во конструктивна смисла. Внатре се оформени шесте ленти и останува само да биде поставен асфалт и да се заврши осветлувањето. И покрај тоа што овој детал е суштински, бидејќи подземниот дел е изграден пред тој да дојде на функција, градоначалникот Ѓорѓиевски го спомена како да станува збор за спореден факт. Три пати, како што рече, влегол на увид во внатрешноста. Тоа што го видел е готов тунел кој со години не е пуштен во употреба.
Но, наместо да се фокусира на клучното прашање зошто овој тунел не е асфалтиран и не функционира Ѓорѓиевски го пренасочи вниманието кон фазата што тој ја презентира како „нова“. Според него, она што јавноста го виде деновиве е проширувањето на потегот од кај Рампа до точката каде што треба да се градат два кружни тека, едниот кон Кисела Вода, а другиот кон Центар. Тој сегмент, меѓутоа, е надземен и претставува само уредување на просторот околу влезот во подземниот дел, работа која требаше да биде паралелна со изградбата на тунелот, а не да се користи денес како повод за нови промотивни настапи.
Иако тој го нарече „динамична фаза“, фактички станува збор за работи кои требало да бидат завршени уште во 2021 година, кога проектот беше испроектиран до изведбено ниво. Тоа што денеска го претставува како „почеток“ е доцнење од четири години.
Ѓорѓиевски се повика на тековната јавна набавка и рече дека постапката трае меѓу 30 и 45 дена, со рокови за жалби. Тој додаде дека очекува избор на оператор и почеток на градежни работи на почетокот на наредната година, ако, како што потенцираше „сè биде како што треба“. Но токму ова „ако“ е основниот проблем: проектот кој е подготвен, пробиен и изграден во својата суштина, веќе со години стои блокиран меѓу политичките препукувања и обидите секоја власт да го претстави како сопствено достигнување.
Надежта дека овој пат нешто навистина ќе се мрдне останува единствено кај граѓаните, затоа што од институциите, според досегашното искуство, не пристигнуваат резултати само нови изјави за стари, одамна готови проекти.

