Во Отешево, на западниот брег на Преспанското Езеро, се одржа работна средба посветена на алармантната состојба со езерото и целиот Преспански регион. На иницијатива на претседателката д-р Гордана Силјановска-Давкова, средбата ги обедини градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, претставници на локалната самоуправа, извршната власт, националните паркови „Галичица“ и „Пелистер“, стручните институции, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и граѓанските организации.

Разговорот, посветен на заштитата на Преспанското Езеро и животната средина во регионот, ја отвори реалноста која веќе не може да се игнорира – езерото исчезнува. Водостојот е на историски најниско ниво, биолошкиот баланс е нарушен, а екосистемот се наоѓа пред потенцијален колапс.
Претседателката Силјановска-Давкова изрази подготвеност да го актуализира прашањето на највисоко државно ниво, истакнувајќи дека одржливите решенија мора да се темелат на стручни и научни сознанија. Таа порача дека Преспа не е само локален, туку национален и европски приоритет, бидејќи од нејзиното зачувување зависи и нашата интеграција во ЕУ, која подразбира вистинска грижа за животната средина.

Од Македонското еколошко друштво, кое беше дел од средбата, изразија благодарност за поканата и за интересот што претседателката лично го покажа за состојбата на Преспанското Езеро и неговиот слив.
„Добивме позитивни впечатоци, бидејќи за прв пат висок државен функционер директно и лично се заинтересира за проблемите на Преспанското Езеро. Се надеваме дека оваа средба ќе биде почеток на конкретни акции и поголема мобилизација на институциите,“ порачаа од МЕД.
Од Друштвото потенцираат дека состојбата со Преспанското Езеро е резултат на повеќедецениска негрижа, недоволно финансирање, недостаток на кадар и координација меѓу институциите, но истакнуваат дека сè уште има простор за спас доколку државата и сите засегнати страни делуваат итно и заеднички.
„Се надеваме дека во најбрз можен рок ќе биде донесен најавениот Акциски план и дека неговото спроведување ќе започне веднаш и во координација со двете соседни држави со кои го делиме Езерото – да бидеме креатори на успешна приказна за зачувување на исклучителните природни и културни вредности на еден од најзначајните прекугранични региони во Европа и во светот“, велат од МЕД.
И покрај ограничените ресурси, локалните власти и меѓународните партнери, како UNDP, веќе имплементираат активности за подобрување на квалитетот на водата и управување со сливот. Сепак, експертите предупредуваат дека без национална стратегија, финансиска поддршка и политичка волја, сите напори ќе останат недоволни.
Сите присутни го поздравија најавениот Акциски план за спас на Преспанското Езеро, со надеж дека неговото спроведување ќе започне без одложување и во тесна координација со Албанија и Грција, со кои го делиме ова природно богатство.
Да не дозволиме Преспа да стане уште една светска трагедија
Историјата веќе знае за исчезнати езера – Аралското во Централна Азија, Чад во Африка, Урмија во Иран. Македонија сè уште има шанса да ја избегне истата судбина. Но таа шанса се мери во години, можеби и во месеци.
Преспа не смее да остане само тема за состаноци и говори. Таа мора да стане пример дека Македонија знае да ги заштити своите природни богатства – не со зборови, туку со дела.
Потребни се повеќе од состаноци. Потребни се акција, вложувања и државна стратегија за долгорочна заштита. И тоа не само за Преспа – туку и за Дојран, за реките, за сè што одамна умира во тишина.

