Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека вечерта имал тричасовна средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, изразувајќи задоволство од разговорите за, како што рече, сите стратешки теми што ги очекуваат двете земји во следниот период.
„Разговаравме за европскиот пат на Србија и верувам дека во наредната година може да се постигне многу. Многу зависи од нас, но верувам дека и расположението во Европската унија ќе биде такво што ќе овозможи напредок за Србија“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека разговорите опфатиле билатерални прашања, заеднички инвестиции, како и соработка во областа на вештачката интелигенција. Вучиќ откри дека Србија од Франција ќе набави суперкомпјутер, единствен од тој вид во Југоисточна Европа.
Според него, Србија на 15 декември ќе го потпише конечниот комерцијален договор за изградба на првата линија на белградското метро со француската компанија „Алстом“. „Очекуваме за две и пол до три години Белград конечно да ја добие првата линија на метро“, нагласи тој.
Разговорите се воделе и околу воено-техничката соработка, вклучително и можноста за монтажа на хеликоптери „Ербас“ во Србија, како и околу системите „Мистрал“ и ракетите за „Рафал“.
Вучиќ изјави дека со Макрон размениле ставови и за актуелната геополитичка ситуација и се заблагодари за тоа што францускиот претседател одвоил време за средбата на ден кога Франција ја одбележува десетгодишнината од терористичките напади во Париз.
„Се борев за интересите на нашата земја, укажав на сите проблеми со кои се соочуваме и верувам дека Франција ќе остане искрен сојузник и пријател,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека го информирал Макрон за актуелната состојба поврзана со НИС, посочувајќи дека српска делегација утре ќе има состаноци со претставници на САД. „Се надевам дека утре ќе има повеќе информации и дека ќе можеме да го решиме тоа прашање,“ изјави Вучиќ.
Средбата беше одржана по свечениот пречек на Вучиќ пред Јелисејската палата, по што двајцата лидери имаа работна вечера.

