Општина Аеродром започна со расчистување на просторот покрај ТЦ „Капитол мол“, каде што со години беше поставен привремениот објект во кој функционираше пицеријата и игротека „Дежа ву“. Оттаму информираат дека тревникот целосно ќе се врати на користење за сите жители.
Денеска наутро е започнато демонтирањето на објектот, кој бил поставен врз основа на старо решение за урбана опрема, издадено од Град Скопје пред околу една деценија, но чии рок и правна важност одамна се истечени. Бидејќи не постоело важечко одобрение, Општината одлучила локацијата да се ослободи.
По отстранувањето, Аеродром ќе ја уреди површината со нови зелени зони, современа урбана опрема и ново детско катче. Целта, велат оттаму, е тревникот повторно да стане безбедно, уредено и достапно место за рекреација и дружење.
Од другата страна на булеварот „Јане Сандански“, сè уште стои запуштениот објект на поранешниот „Мекдоналдс“. Граѓаните очекуваат Општината да донесе и за него соодветно решение, а низ Аеродром има уште десетици слични објекти – дел активни, дел одамна затворени. До институциите се испратени прашања за нивниот понатамошен третман, а одговорите ќе бидат објавени веднаш по добивањето.
Извор: Независен

