Коцевски до пратениците: Потребни ни се повеќе пари и кадар, состојбата е алармантна

На расправата за Буџетот за 2026 година, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред пратениците алармира за состојбата во која се наоѓаат обвинителствата.

Коцевски кажа дека има недостиг од финансиски средства, но и кадар во овој сектор. Рече дека зголемувањето на буџетот не е потребен за зголемување на платите на јавните обвинители, туку за извршување на нивната работа. Исто така, посочи дека за помалку од две години 40 вработени си заминале, а нивните места не се пополнети со нови вработувања.

На почетокот на обраќањето, Коцевски кажа дека размислувал дали воопшто да зборува пред пратениците, бидејќи истите барања ги имал и лани, но тие не биле разгледани.

„Лично многу размислував дали воопшто треба да се обраќам повторно од оваа говорница пред вас со истите барања како и лани. Уште повеќе што истите наши барања, кои секоја година ги истакнуваме, пред само неколку дена ги потврди и Европската Унија во последниот извештај – за ефикасна борба против криминалот и корупцијата, мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на Обвинителството и на правосудството воопшто. Сепак, избрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите што ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за в година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4 % од вкупниот буџет, се предлагаат едвај 0,2 % за потребите на Обвинителството. Во вкупен обем на средства износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат“, рече Коцевски.

Тој рече дека не станува збор за покачување на платите и истакна дека се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејства и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат.

„Сакам да е јасно за целата јавност дека тука не станува збор за средства за некакво покачување плати, ниту на јавните обвинители ниту на јавнообвинителските службеници. Во предлог-буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци, кои законски им следуваат на вработените. Но, што е уште поважно, најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги, од каде што се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејства и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Сè ова паѓа на товар на буџетот на Обвинителството“, рече Коцевски.

Јавниот обвинител исто така рече дека и состојбата со кадар е тешка и дека за помалку од две години има одлив од над 10 отсто вработени.

„Кога сме кај кадровските ресурси, морам да укажам на крајно тешката состојба во која сме доведени како институција. Многупати сум кажал и мислам дека веќе сите знаат дека работиме со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба. Меѓутоа, има еден податок што уште повеќе загрижува. Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10 % вработени што си заминуваат по разни основи (40-ина вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниедно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниедно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат речиси 30 % и од потребниот број јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниеден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа, кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива“, рече Коцевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен