Космонаутко со силен апел: Тактилни патеки за лицата со оштетен вид мора да станат задолжителни низ целата држава

Неповторливиот хуманист и автор Денис Јанкуловски, познат како Космонаутко, упати јавно обраќање до сите градоначалници – стари, нови и „старо-нови“ – барајќи итно поставување на тактилни патеки за лица со оштетен вид низ сите градови во Македонија.

Во неговата објава, Јанкуловски посочува дека специјализирана патека за ориентација и безбедно движење има само кај објектот „Даре Џамбаз“ во Центар, каде се наоѓа и Сојузот на слепи и лица со оштетен вид. „Дај Боже да грешам, но јас само тука имам забележано ваква патека,“ пишува тој, истакнувајќи дека ова не смее да биде единствената локација.

„Лицата со оштетен вид не живеат само околу Сојузот. Тие се движат низ целиот град, низ улици, паркинзи и тротоари, кои се полни со хаос, пречки и дупки. Имаат право на пристапност и на безбедност – исто како сите нас,“ вели Космонаутко.

Тој нагласува дека инвестицијата за поставување тактилни патеки не треба да биде изговор, бидејќи безбедноста е над сите финансиски пресметки. Според него, ваквата инфраструктура мора да се постави насекаде, што побрзо и што обемно, како задолжителен стандард, а не како исклучок.

„Не од утре, туку од денес фатете се за работа,“ им порачува тој на градоначалниците. „Испочитувајте ги нашите другари, покажете дека ги прифаќате со конкретна акција, а не само на хартија. За нивната безбедност се работи!“

Со силниот апел на Космонаутко, јавноста уште еднаш е потсетена дека пристапноста не е луксуз, туку основно човеково право.

Зачлени се на нашиот е-билтен