„63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“. Овој моќен повик го означи „Маршот за ангелите“ во Скопје – протестен марш во спомен на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март оваа година.
Во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“ протестниот марш започна во 12:05 часот на собирното место, плоштадот „Македонија“.

Граѓаните, кои овојпат излегоа масовно да маршираат, поминаа покрај парламентот, маршот заврши пред зградата на Основниот кривичен суд.
Пред парламентот, демонстрантите скандираа „Убијци!“ и „Доста, доста смрт!“.
Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК кој загина во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, денеска на маршот во Скопје, ги повика пратениците да помогнат во потрагата по вистината за трагедијата.
Таа во име на семејствата на загинатите, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што рече, целосно и независно испитување на случајот.

Силни пораки беа испорачани од „Маршот за ангелите“ во Скопје. Освен во изјавите на организаторите, граѓаните, кои масовно им се приклучија на родителите, роднините и пријателите на загинаттите и повредените во пожарот во Кочани, носеа пароли на кои беше испишано:
„Колку детски животи треба да згаснат за вие да се разбудите“, „Моето дете не умре, беше убиено од систем којшто не штити, туку убива“, „’2 животи – 62 иднини. 62 семејства со вечна болка. Правда и одговорност, нема мир без тоа“.
„Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“, беше истакнато во апелот на организаторите во деновите пред протестот. Тие нагласуваат дека нема да застанат додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата што ги одзеде животите на нивните деца. „Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да се обединиме и да покажеме дека болката не нè скршила и дека борбата за вистинска правда продолжува“, наведуваат тие.

Во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Првото судско рочиште за случајот е закажано за 19 ноември. Според обвинението, 34 физички и 3 правни лица се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност. Случајот ќе го води тим од околу 15 обвинители, објави државниот обвинител Љубчо Кочевски.

