Според „Слободна Далмација“, можниот избор на Брент Садлер за директор на сите медиуми во рамки на United Media може да доведе до целосно укинување на уредничката независност на некои од највлијателните медиуми во регионот, додека контролата од сенка би ја вршел претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија кон ЕУ, јасно е наведено дека ако Србија навистина сака да стане членка на Унијата, мора да ја отстрани раката од медиумите и да им овозможи независност. Извештајот директно е поврзан со притисоците што ги врши власта на Вучиќ преку телевизиите и таблоидите од неговиот круг кон финансиски и уреднички независни медиуми, кои објективно известуваат за противвладините протести.
Особено мета на Вучиќ е United Media – дел од меѓународната United Group, пред сè кабловската телевизија N1 и нејзиниот портал. Скандалот е поттикнат од објавен аудио-снимок на разговор меѓу челникот на државниот Телеком, Владимир Луичиќ, и шефот на United Group, Стен Мелер, кој покажува дека се бара редизајн на компанијата во Србија.
Според извештаите, Брент Садлер, поранешен новинар на CNN и советник во N1, наскоро може да биде назначен за директор на сите медиуми во United Group. Овој чекор предизвикува загриженост во медиумските кругови, бидејќи на тој начин Вучиќ би стекнал скриен надзор над највлијателните независни медиуми, не само во Србија, туку и во региони како Словенија и Хрватска.
Директори и уредници на United Media во регионот веќе започнале иницијатива за менаџерско преземање на медиумите како што се N1 и Nova, со цел да се зачува уредничката независност и слободата на известување од политички и корпоративни притисоци.
Како што истакнува Игор Божиќ, програмски директор на N1 Србија: „Идејата за менаџерско преземање е наша намера да ја зачуваме независноста и да спречиме нејзино нарушување. Од медиуми како N1, Nova, Danas и Radar зависи опстанокот на слободното новинарство во Србија.“
Главниот уредник на Nova, Ранко Пивљанин, додава дека ова е „последен обид да се зачува единствената слободна медиумска оаза во информативната пустина создадена од режимот“, предупредувајќи дека назначувањето на Садлер би претставувало потполна трансформација на некогашниот симбол на независното новинарство во инструмент на политички влијание во регионот.

