Започнуваат информативните сесии на „Креативна Европа“ низ македонските градови

Канцеларијата за Креативна Европа при Министерството за култура и туризам од денес започнува со серија информативни сесии што ќе се одржуваат во „Europe House“ низ повеќе градови во земјава. Целта е поблиску да се претстават актуелните и претстојните повици од програмата „Креативна Европа“ – компонентите „Култура“ и „МЕДИА“.

Информативните сесии ќе се одржат според следниот распоред:

  • Струга – 18.11.2025 (12:00–14:00)
  • Крива Паланка – 19.11.2025 (12:00–14:00)
  • Скопје – 24.11.2025 (12:00–14:00)
  • Велес – 25.11.2025 (12:00–14:00)
  • Струмица – 26.11.2025 (12:00–14:00)
  • Битола – 2.12.2025 (13:00–15:00)
  • Тетово – 3.12.2025 (12:00–14:00)

За време на сесиите, учесниците ќе добијат информации за отворените конкурси, условите и можностите што ги нуди програмата, како и практични совети за процесот на аплицирање. По официјалниот дел, заинтересираните ќе можат да остварат и индивидуални консултации со претставниците на Канцеларијата.

Настаните се отворени за сите организации, уметници и професионалци од културните, креативните и филмските индустрии. Целта е да се поттикне нивно активно учество во европските иницијативи и да се поддржи нивниот професионален и институционален развој.

Програмата за информативните сесии е достапна во прилог, а јавноста ќе биде дополнително информирана за сите наредни активности преку фејсбук-профилот на Министерството за култура и туризам.

Повеќе информации за Канцеларијата и програмата „Креативна Европа“ може да се најдат на веб-страницата ced.mk и на официјалниот фејсбук-профил:
facebook.com/profile.php?id=61583678344518

Зачлени се на нашиот е-билтен