Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонија напредуваше во извештајот на Фридом хаус за државите во транзиција

Македонија е најдобро пласирана од сите држави од Западен Балкан. Сите шест земји останаа во групата транзициски или хибридни режим

Напредок од едно место, но сепак напредок.

Македонија во извештајот на Фридом хаус за државите во транзиција за 2023 година постигна скор од 48 поени од можни сто. Лани државата имаше 47 поени. Таа е и понатаму во групата транзициски или хибродни режими.

Ова зголемување на поените се должи на тоа што рејтингот за локално демократско владеење се подобри од 4,00 на 4,25, според оценката на Фридом хаус за да го одрази повеќегодишниот тренд на подобрено локално управување, вклучително и зголемено граѓанско учество во донесувањето локални одлуки и подобрена општинска транспарентност. Иако општините остануваат недоволно финансирани, прифаќањето на предлозите од страна на Заедницата на општини годинава привремено ги ублажи финансиските притисоци поради зголемените трошоци за енергија.

Како резултат на тоа, оценката за демократија на Северна Македонија се подобри од 3,82 на 3,86 од можни 7.

Целиот извештај за Македонија ќе биде објавен многу скоро.

Македонија е на највисоко место од сите шест држави на Западен Балкан. Назадување забележаа Црна Гора и Босна и Херцеговина, Србија остана на исто ниво, додека мал напредок има во Албанија и Косово.

Според поени: Македонија 48, Црна Гора 46, Србија 46, Албанија 46, Косово 38 и Босна и Херцеговина 37.

Во извештајот на Фридом хаус се наведува дека политичката поларизација во Црна Гора, најмногу околу прашањето за националниот идентитет, доведе до пад на две влади. Дополнително, парламентот донесе закони кои ги поткопуваат основните човекови права, додека Уставниот суд нема кворум за разгледување на спорните акти, се наведува во извештајот.

Сепак, неодамнешниот пораз на Мило Ѓукановиќ на претседателските избори, кој ја водеше земјата повеќе од три децении, покренува надеж дека ќе има смена на генерации, оценува Фридом хаус.

Од другите посткомунистички земји кои се членки на ЕУ најслабо стои Унгарија, која е во истата група со земјите од Западен Балкан и има 40 поени. Додека Хрватска со 54 поени е веќе во групата на полуконсолидирани демократии, каде што се и Бугарија со 58, Романија со 56 и Полска со 59 поени. Од регионот, како и во многу други рангирања, најдобро стои Словенија, која има 79 поени и е во групата консолидирани демократии.

На дното на листата во групата консолцирани автократски режими се Азербејџан и Таџикистан со 1 поен, додека Русија и Белорусија имаат 2 поени. (Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен