Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за земјоделство Трипуновски, како и до заменик министерот, кои се однесуваа на суспензијата на ИПАРД-програмата и огромните последици врз македонското земјоделство.
Тој побара одговори за застојот на мерката 3, блокираните 130 милиони евра европски средства и одговорност за корупцискиот скандал што ги остави илјадници земјоделци без поддршка.
„Со оваа суспензија оштетивте 3.000 нови бизниси кои требаше да се отворат, и уништивте најмалку 10.000 нови работни места кои требаше да се создадат во руралните средини. Ова не се бројки. Ова се луѓе. Ова се семејства. Од винарите во Кавадарци и Неготино, до производителите на сирење во Берово. Од производителите на домати, зелка и краставици во Струмичко, до јаболкарите во Ресен и оризарите во Кочани. Овие луѓе вложија кредити, земја, механизација, иднина. Тие требаше да отворат мали бизниси, да развиваат модерно земјоделство, да ја хранат државата. А вие, министре, ги оставивте сите нив на цедило. Ги лишивте од перспектива, од раст, од развој, и ги турнавте во нов бран иселување. Затоа што кога ќе убиете една шанса во руралните средини, вие не само што губите бизнис – вие губите поколение“ рече пратеникот.
Николовски додаде и дека овие случувања не биле „грешка во системот“ туку личен скандал и одговорност на поединци во институциите.
„Причината за суспензијата е корупција, рекет и барање мито во Платежната агенција. Уапсени се директорот и уште четири лица. Меѓу нив – ваша блиска соработничка, посебен советник во вашиот кабинет. Ова не е „грешка во системот”. Ова е личен скандал, ваша одговорност. Неполитички напад – факт. Скандал во кој се зеле пари за да се одобруваат проекти, пари за да се „забрзаат предмети”, пари за да се тргнат од фиока. Тоа го предупредувавме. Тоа беше видливо – од заминување на професионалци, до партиски унапредувања и коруптивни мрежи. Европската комисија точно го нотираше тоа во кластер 5 – за првпат во историјата официјално бара антикорупциски мерки во Агенцијата. Тоа беше аларм. А вие, министре, го игнориравте. И сега државата плаќа цена“.
На крајот, Николовски побара одговорност и го праша министерот Трипуновски дали ќе поднесе оставка од функцијата.
„Затоа, министре, оставката е најмалку што треба да ја понудите. Не заради мене. Не заради политички поени. Туку заради тие 3.000 бизниси што нема да се отворат. За тие 10.000 работни места што нема да постојат. За тие семејства што вложија сè што имаат. За тие луѓе што ќе се иселат. За тие деца што ќе ја напуштат државата затоа што им ја затворивте иднината. И за земјава, која заслужува чесно, а некорумпирано и неспособно управување. И конечно: Министре Трипуновски, дали ќе ја преземете личната и политичката одговорност за суспендирањето на ИПАРД 3?“ праша Николовски.

