Со мало доцнење и во преполна судница утрово започна судењето за трагичната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Знам дека барем името ми го знаете, тоа се споменува со месеци“, со овие зборови судијката Диана Груевска го отвори првото рочиште, презентирајќи ги правилата на постапката и повикувајќи на целосна дисциплина. Таа појасни дека странките имаат право на една опомена, а по втората ќе бидат отстранети од судницата.
Груевска нагласи дека судот ќе има максимален респект кон тагата и болката на семејствата на жртвите. „Сите ќе имаат право да ја изложат својата верзија на случувањата и да предложат докази. Ќе бидеме целосно транспарентни“, истакна таа.
Судијката предупреди дека не може да гарантира брза постапка: „Може да се случи грешка, а тоа мора да го избегнеме. Колку ќе трае судењето – никој не знае. Апелирам на трпение и дисциплина.“
„Ќе дојдеме до правдата“, порача Груевска пред исполнетата судница, отворајќи ја една од најследените судски постапки во земјата.

