Колку дијалекти има Македонија? Секое село свој говор!

Македонија е земја на јазична разновидност како ретко која друга во регионот. Дури и најмалото село чува свој говор, свои зборови и изрази кои се разликуваат од соседното село само неколку километри подалеку. Д-р Веселинка Лаброска, научен советник и редовен професор во Одделението за дијалектологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, објаснува дека бројката на дијалекти во Македонија е поразителна за делот надвор од Македонија и фасцинантна за дијалектите кои сѐ уште се говорат во Македонија – секое населено место има свој говор, а само во една општина може да се најдат и до 33 различни варијанти.

д-р Веселинка Лаброска

„Овие дијалекти што се на територија на Македонија не умираат. Тие само се менуваат, се доизменуваат и се чуваат, особено во населените места. Таму каде што селото е празно, нормално, нема кој да го чува говорот“, вели Лаброска.

За жал, ситуацијата не е иста за етничките македонски простори надвор од границите на државата – во Егејска Македонија, Пиринска Македонија и делумно во Албанија. Таму селата се празнат, младите заминуваат, а локалните говори се изложени на исчезнување. „Во Албанија има делумни права, но во Пирин и Егеј речиси нема можности за одржување на јазикот. Таму луѓето се обесправени, изолирани, речиси нема кому да се зборува македонски“, објаснува Лаброска.

Атласот на дијалекти – збир на три и пол илјади термини

И токму за да се зачува ова јазично богатство, е создаден „Македонски Дијалектен Атлас“ , Атласот на македонските дијалекти – проект со децении истражување. Идејата за негово создавање започнува уште во 60-тите години на минатиот век, под водство на Божидар Видоески, основоположник на македонската дијалектологија. Атласот се базира на 3.500 термини, а материјалот е систематски внесуван во картотека која денес брои милион и 700 илјади картички.

„Најмногу варијации во Атласот имаат зборовите ‘шашлив’ и ‘ласица’, што покажува колку различно и колоритно се употребувал јазикот во различни села и региони“, додава Лаброска.

Теренската работа била многу сложена. Дури и денес, голем дел од материјалот од Пирин и Егеј не е целосно покриен поради политички и административни ограничувања. „Колегите што оделе на терен завршуваа во затвор. Денес е полабаво, но нема луѓе – селата се празни. Затоа голем дел од зборовите се собрани преку бегалците кои дошле да живеат во Македонија и го знаеле својот говор“, објаснува Лаброска.

Македонските дијалекти денес

Врз основа на Атласот и теренските истражувања, Лаброска објаснува дека македонските говори може да се групираат во три главни наречја: западно, југоисточно и северни говори. Во рамките на овие наречја, пак, постојат локални варијации кои ја прават јазичната мапа на Македонија невидливо богата.

„Секое село има свој изговор, сопствени нијанси. На пример, Кичевскиот говор се менува, но сепак е препознатлив како кичевски. Слично е и со тетовскиот, охридскиот, кумановскиот говор – сите си го чуваат својот карактер. Само високо планинските села со мала популација се во фаза на губење“, вели Лаброска.

Картотеката од милион и 700 000 картички за Атласот на дијалектите

Пример за загрозен регион е Порече, каде што селата драматично се намалуваат. „Ако порано имало илјадници жители, сега едвај има пет-шест стотини во сите села заедно. Има села со по еден или двајца жители, или сосема празни. Сепак, јазикот што останал се чува кај локалното население.“

Зошто е важно да се зачуваат дијалектите?

Дијалектите се повеќе од зборови – тие се културна ДНК, сведоштво за историја, потекло, географија, миграции, влијанија од други народи и јазици. Нивното зачувување е клучно за идентитетот на локалните заедници.

„Младите денес се помалку во контакт со дијалектите. Медиумите, училиштата, телевизијата и дигиталната комуникација ги обликуваат кон стандардниот јазик. Сепак, ние треба да ги зачуваме овие говори како дел од нашата историја и културно наследство“, заклучува Лаброска.

Атласот како наследство за идните генерации

Атласот на македонските дијалекти е повеќе од научна публикација – тоа е живо сведоштво за македонската култура, резултат на соработка помеѓу Институтот за македонски јазик и Истражувачкиот центар за лингвистика. Милионите картички, 3.500 термини и сведоштвата од повеќе од 350 села го прават ова издание уникатно, а зборовите „шашлив“ и „ласица“ се само мала, но шарена илустрација на богатството што го носи секое македонско село.

Со вакви проекти, македонските говори добиваат можност да се слушнат и дигитално да се зачуваат, а идните генерации да се запознаат со богатството и шармот на јазичните варијации што ја прават Македонија посебна

Зачлени се на нашиот е-билтен