Филипче: Падот од 140.000 гласа на ВМРО-ДПМНЕ е заслуга и на опозициското делување на СДСМ

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање ги отфрли шпекулациите за каков било „скриен договор” со ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека опозициското делување и реторика на СДСМ е едно од клучните причини за значајниот пад на поддршката на владејачката партија.

„Во однос на некаков скриен договор со ВМРО-ДПМНЕ или тоа дека ние немаме доволно силна опозициска реторика во изминатиот период, сметам дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ изгуби 140.000 гласови за година ипол, а тоа е третина од гласовите што ги добија пред година ипол, е заслуга во еден дел и на нашата опозициска реторика”,  одговори Филипче.

Тој додаде дека СДСМ во континуитет ја разобличува, како што рече, лажната реторика и патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ, објавувајќи низа скандали и незаконско работење на актуелната власт.

„Ние сме тие и бевме тие кои што ги разобличуваа нивните лаги, нивната лажна реторика и нивниот лажен патриотизам. Ги откривме скандалите, коруптивните шеми, мрежата на договорени тендери за кои што, за жал, нема никаква реакција. Скандалите во АНБ, тешката партизација на институциите и ќе продолжиме така, како силна опозиција уште позасилено да работиме во следниот период”, нагласи лидерот на СДСМ, Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен