Изучувањето на пандемиите и природни катастрофи треба да се фокусира и на човечките искуства и на тоа како тие влијаат на луѓето различно според нивната социо-економска ситуација и етничка, верска, културна припадност.
Љуан ИМЕРИ
Природните катастрофи и пандемиите се чести и глобални појави. Речиси секојдневно гледаме известувања за земјотреси, ерупции на вулкани, цунами, пандемии, но и глад, суши и поплави. Неретко реагираме, покажуваме емпатија, собираме донации, помагаме.. и после забораваме, се до наредната слична ситуација. Без разлика каде се случуваат, дали кај нас или некаде во светот, ретко ги анализираме и извлекуваме поуки од истите.
Историски гледано, ваквите катастрофи отсекогаш имале разорно влијание врз човештвото но и силно влијание врз економиите, уништување на посевите и раселување на милиони луѓе. Заканите од природни катастрофи се секогаш присутни и, како што се зголемува бројот на жители во светот, климата се менува а економската нестабилност е се по изразена со што ранливоста на човекот од овие опасности се зголемува.
Пандемиите и природните катастрофи покрај другото, силно влијаеле и на историските наративи на човештвото. Секој пат, тие нè потсетуваат колку сме кревки и колку е ограничено нашето знаење и делување врз истите. Тие имаат големо влијание врз животот на луѓето ширум светот а често воведувањето мерки со цел спречување на ширењето на пандемии или справување со последиците од природни катастрофи може да доведе до голем број ограничувања што може да се окарактеризираат како кршење на основните човекови права и слободи. Владите во вакви ситуации се соочуваат со предизвикот да воспостават правична рамнотежа помеѓу заштитата на здравјето, минимизирањето на економските и социјалните потешкотии и почитувањето на човековите права. Рестриктивните мерки неизбежно ги нарушуваат човековите права и основните слободи, кои се всушност составен и неопходен дел на секое демократско општество во кое постои владеење на правото. Но, и покрај нивното огромно влијание и можностите за злоупотреби, на овие настани им се посветува малку внимание во образованието, особено во наставата по историја. Образовните институции несомнено имаат одговорност и обврска да развијат свест кај идните генерации за третманот на овие прашања, како и да развијат знаења, ставови и вештини за превенција, но и за заштита и самозаштита од природни непогоди и други несреќи. Наставата мора да понуди и промовира современ мултиперспективен пристап кој поттикнува на учење и вештини со критичко мислење, наспроти постојниот традиционален етноцентричен пристап кој се сведува на учење базирано исклучиво на помнење на датуми и настани.
Традиционално, наставата по историја се фокусираше речиси исклучиво на политичката и националната историја и на изградба и пренос на позитивен национален наратив дизајниран да всади чувства на лојалност кон својата земја и да ги зајакне сфаќањата за групна припадност и идентитет (Carretero и Bermudez 2012; Cârstocea 2022). Пандемиите и природните катастрофи имале значајно влијание врз општествата со текот на времето, но проучувањето на овие настани често е ограничено. Студиите за пандемии и природни катастрофи, до неодамна, се сметаа за специјализирани, а не за главни теми во академската историја, наспроти воените настани, како што е Првата светска војна кои имаа приоритет над настаните како што е пандемијата од 1918-20 година, иако бројот на жртвите од пандемијата можеби е поголем од жртвите од војната (Milne 2018).
Модерното сфаќање на општествените текови налага секој настан да го гледаме од повеќе перспективи, да извлекуваме поуки и учиме од истиот со цел следниот пат да превенираме или барем да се справиме подобро. Да се проучува историјата значи да се испита човековата состојба во сета нејзина неуредна мултидимензионалност, која неизбежно подразбира обрнување внимание на човечката димензија на историските настани и процеси. Наставата по историја може да понуди многу одговори за тоа како природата влијае врз човекот и од каде произлегува потребата за прилагодување на природните услови, колкава е важноста и неопходноста од човечката солидарност во време на катастрофи и како еден настан од минатото може да влијае врз животот во сегашноста. Но и за тоа колку се подготвени младите да ги разберат ваквите катастрофални настани и нивното влијание врз општествата.
Овие катастрофи имаат/ле значително влијание како врз бојот на населението така и врз економиите и социјалните структури, а нивното соодветно третирање може да обезбеди значајни лекции за идните генерации. Тие понудија можности за преиспитување, реконфигурирање и дебата за нашите идеи за индивидуата, заедничкото, социјалното, приватното и јавното, но и за здравјето и безбедноста. Постојат бројни искуствата за влијанието на пандемиите и природните катастрофи врз општествените односи во целина кои можат да ни помогнат во иднина подобро да постапиме во слични ситуации. Во време кога светот продолжува да се справува со последиците предизвикани од последната пандемија но и од зголемената закана од природни катастрофи мора да бараме начини како да одговориме за тоа што научивме од пандемијата Ковид-19, од серијата катастрофални земјотреси во Турција и Сирија, но и претходно од Јапонија во 2011 година или Суматра во 2004 година, па дури и од Скопскиот катастрофален земјотрес.
За секој ваков настан, било тоа да е пандемија или земјотрес, во општеството покрај официјалната и фактичка историја, постојат и низа различни наративи а истите понекогаш можат да поттикнуваат нови или да оддржуваат стари поделби во општеството. Најсвежи ни се сеќавањата за последната пандемија и за начините за справување со истата. Ситуацијата со КОВИД 19, придонесе кон висок број пријави за говор на омраза на социјалните медиуми и етнички поделби.
Постојат и етнички обоени наративи за катастрофалниот земјотрес во Скопје. Иако се случил пред повеќе од шеесет години, сепак бројни се наративите за тоа како овој земјотрес влијаел врз солидарноста но и врз етничката и територијална поделба на Скопје, за економската состојба на скопјани како и врз бројот на жители во градот. Овие наративи се често недоволно анализирани но сепак тие имаат влијание и денес врз јавниот дискурс.
Пандемиите и природните катастрофи се изучуваат поопширно во различни предмети во наставните програми, но ова вклучува мала, ако воопшто, историска димензија (историски контекст, перспектива, знаење и размислување). Вклучувањето на историска димензија во наставата по овие теми по други предмети ретко е пропишано во националните наставни програми. Изучувањето на пандемиите и природни катастрофи треба да се фокусира и на човечките искуства и на тоа како тие влијаат на луѓето различно според нивната социо-економска ситуација и етничка, верска, културна припадност.
Разбирањето затоа како луѓето во минатото биле погодени и реагирале на пандемии и природни катастрофи може да помогне во справувањето со потенцијалните предизвици но и да развијат емпатија за луѓето кои се наоѓаат во такви ситуации. Така учениците подобро ќе се разбираат себе си, општеството, неговата историја и организација, ќе ги разберат економските и политичките концепти, структури и движења, а тоа ќе влијае и на вештините и ставовите што треба да овозможат ученикот да се однесува демократски и одговорно и во иднина да биде одговорен граѓанин/граѓанка и мотивирано и активно да учествува во општествениот и граѓанскиот живот.