Инженер за градба предупредува: „Снимките го потврдија најлошото – зградата на ‘Вјесник’ е сериозно оштетена“

Сѐ уште не е донесена конечна одлука дали тешко оштетениот небодер на Вјесник ќе се обновува или ќе се руши по разорниот пожар што го зафати објектот. Едно е извесно – пред надлежните стои исклучително сложен и ризичен зафат, без оглед на тоа кој пат ќе биде избран.

Гостувајќи во емисијата „Студио 4“ на ХРТ, градежниот инженер и статичар Јурај Појатин потврди дека вчерашните детални снимки само ги зацврстиле најлошите сомнежи.

„Снимките и прегледите ги потврдија лошите претпоставки од првиот ден. Тешките оштетувања кои ги видовме уште на петтиот и шестиот кат беа доволно алармантни за веднаш да се испразни објектот и никој повеќе да не влегува“, изјави Пojатин.

Најсериозно се оштетени носечките столбови

Инженерот детално објасни дека најопасните дефекти се токму на конструктивните столбови – елементите што ја држат целата зграда.

„Станува збор за пукнатини што укажуваат на делумно откажување на столбовите. Тоа е јасен знак за многу сериозно статичко оштетување на конструкцијата“, предупреди тој.

Иако целосно уривање смета дека е малку веројатно, Пojатин истакна дека ризикот не може да се елиминира.

„Ниту една варијанта не се исклучува. Можно е локално, можно е глобално уривање. Тешко е да се предвиди, но таа можност мора да се земе предвид.“

Ако дојде до уривање – опасната зона е огромна

Пojатин нагласи дека радиусот на опасност во случај на колапс би бил најмалку еднаков на висината на зградата.

„Според старите урбанистички правила се користеше формулата h/2. За објект од околу 60 метри, тоа значи дека минималниот опасен коридор би бил најмалку 30 метри“, истакна статичарот.

Стручните тимови продолжуваат со анализи за да се утврди дали обновата е технички и финансиски оправдана или единствено решение ќе биде целосно рушење.

Зачлени се на нашиот е-билтен