ЦУК: Екипите расчистуваат наноси, одрони и поплавени простории по обилните врнежи

Обилните врнежи од последното деноноќие предизвикаа повеќе проблеми низ државата, активирајќи ги екипите на Регионалните центри за управување со кризи на повеќе критични точки. Најголеми потешкотии се забележани во регионите на Битола, Охрид, Кичево и долж главните патни правци.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека во битолското подрачје јавните претпријатија и водостопанските служби работат на расчистување наноси и на зајакнување на речните насипи.

Поради појава на ерозија, предложено е привремено затворање на стариот регионален пат Р-106 кон Пелистер и кај селото Цапари, при што сообраќајот е пренасочен по главниот пат А-3.

Во Охридско-кичевскиот регион засега нема излевања на реките, иако водостоите се зголемени. Најризично подрачје во моментот е улицата „Прилепска“ во Кичево, каде општинските служби се повикани на итна интервенција.

Во Охрид е регистрирано поплавување на подрум во населбата Железничка, за што причина се диво ископани канали во околината, соопштуваат од ЦУК.

Во Кумановско, реката Пчиња накратко излегла од коритото во делот Пелинце–Стрновац, но не се пријавени материјални штети. Мостовите кај Коинце и Пелинце се расчистени од насобран отпад и дрва, а нивната стабилност е оценета како безбедна.

Од ЦУК дополнуваат дека по вчерашниот голем одрон на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“, екипите веднаш интервенирале и патот е расчистен по една лента. Активностите за целосно обезбедување на трасата и нормализирање на сообраќајот продолжуваат.

Зачлени се на нашиот е-билтен