Поплави во Ресенско: Над 50 објекти под вода, институциите на терен

Интензивните врнежи од дожд предизвикаа нагло надоаѓање на водите на Болнска и Источка река во општина Ресен, при што во селата Царев Двор и Дрмени се поплавени повеќе од 50 куќи, визби, магацини и земјоделски парцели, соопшти Центарот за управување со кризи.

Поплавена е и околината на селото Долна Бела Црква по излевањето на Голема Река, каде водостојот во моментов е измерен на 210 сантиметри.

На терен работат екипи од јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“ и приватни компании. Ангажирани се седум пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување на наносите и изведување интервенции. Во населбата Црквиште се користи целокупната расположлива механизација за отстранување на водата од поплавените домови.

Од „Македонија пат“ известуваат дека на неколку патни правци има поголеми наноси од земја, кои се расчистуваат според приоритетите.

Зачлени се на нашиот е-билтен