Во Кочани денеска официјално почна со работа Регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка, кој е замислен да претставува додадена вредност во зајакнувањето на услугите за ментално здравје и подобра превенција, третман и поддршка за граѓаните.
На свеченоста присуствуваа министерот за здравство Азир Алиу и генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити. Во официјалниот дел од промовирањето на оваа установа, чија основна цел е да овозможи лесно достапна психолошка и социјална помош, особено за ранливите категории.
„Во оваа фаза приоритет на Министерството за здравство е менталното здравје. Затоа, заедно со Институтот за јавно здравје веќе креираме програма, која ќе биде јасно дефинирана и ќе направиме напори и активности секој граѓанин да има пристап до ваква установа, која ќе се грижи не само за физичкото, туку и за менталното здравје. Денеска сум тука, во Кочани и задоволен сум од она што го видов и од програмата што ќе биде активна за овој регион. Затоа му благодарам на Црвениот крст, на сите хумани луѓе кои заедно со стручните лица ќе работат овде и ќе пружат здравствени услуги поврзани со менталното здравје и психо-социјалните моменти кај граѓаните“, рече Алиу непосредно пред отворањето на Регионалниот центар за ментално здравје во Кочани.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саити истакна дека пред граѓаните на Кочани веќе има содржина која е солидно опремена и подготвена да се стави во функција на грижа за луѓето.
„Тоа што го правиме 80 години, го правиме и сега. Тоа што го правиме во случај на катастрофи, истото се обидуваме да го направиме и во мирнодопски услови. Ова е еден таков пример кога Црвениот крст се обидува да помогне во услови на недостиг од одреден сегменти на услуги во општеството, да бидеме дел од напорите на државата за што поголема грижа за луѓето“, нагласи Саити.
Тој им се заблагодари на сите донатори, соработници и партнери во рамките на движењето на Црвениот крст кај нас и во соседните држави, кои учествуваат во создавањето на оваа содржина.
„Соседите секогаш први помагаат и во овој случај соседите ни излегоа во пресрет и сфатија дека на овој град му е потребна таква подршка“, рече Саити.
Посочи дека Регионалниот центар за ментално здравје, подржан од Црвениот крст, засега е димензиониран да биде во ваква функција три години и додаде дека верува оти вакви центри многу брзо ќе бидат подржани од здравствениот систем на државата.

