Српскиот претседател Александар Вучиќ најави правна офанзива против светски медиуми што го поврзаа со аферата „Сараево сафари“. Наместо одговор на конкретните обвинувања – дали бил доброволец на снајперските позиции над опколеното Сараево – јавноста доби спектакуларна најава за „најдобрите адвокати на светот“ и ветување дека милионските отштети, ако ги добие, ќе ги донира во хуманитарни цели и за обнова на манастир во Србија.
Вучиќ во изјава за српските медиуми повтори дека текстовите за негово учество во „Сараево сафари“ се „директна лага“ и најави дека за петнаесетина дена ќе започнат тужби против дел од најголемите западни редакции – од „Гардијан“ до „Дејли меил“. Адвокатите, како што нагласи, ќе работеле по принцип „надомест за успех“ и ќе земале процент од евентуалната судска добивка: „Ова не се мои пари, тие ќе им ги земат парите на тие лажговци и крадци.“
Аферата „Сараево сафари“ не се појави вчера. Италијанското обвинителство во Милано веќе води постапка за наводни „тури за лов на луѓе“ во текот на опсадата на Сараево – шокантна шема во која богати странци плаќале на снајперисти да пукаат врз цивили, па дури и деца, од линиите на босанските Срби.
Во тој контекст хрватскиот истражувачки новинар Домагој Маргетиќ јавно објави дека го пријавил Вучиќ во Милано, доставувајќи видео, фотографии, изјави и архивски материјали. Според Маргетиќ, денешниот претседател на Србија во 1992 и 1993 година бил нелегален воен доброволец во Сараево, припадник на паравоен одред под контрола на Српската радикална партија, стациониран на Еврејските гробишта – позиција која во истрагите се спомнува како една од „најлуксузните“ локации за човечко сафари.
Дополнителна тежина на обвинувањата даваат и старите јавни изјави од деведесеттите. Во интервју за белградската „Дуга“ од 1994 година, кое денес повторно кружи во медиумите, самиот Вучиќ вели: „Кога започна војната во Босна, отидов во српско Сараево и се пријавив како волонтер… Бев на Еврејските гробишта некое време.“
Сега, пак, претседателот категорично негира дека некогаш држел снајпер во рака или дека воопшто слушнал за „сафари“, обвинувајќи за политички мотивирана кампања токму во момент кога, како што тврди, Србија е под силен притисок поради својата позиција кон Западот и Русија.
Правно гледано, најавените тужби се обид борбата да се префрли на теренот каде Вучиќ може да се претстави како жртва: лидер на држава што се брани од „лажни вести“. Политички, пак, тоа е класична контранарација – наместо Европската јавност да зборува за евентуална одговорност на српски политичар во можен воен злостор, фокусот се преместува на прашањето дали медиумите претерале, дали докажливо клеветеле, дали „ги пречекориле границите“.
Ризикот за Вучиќ е јасен: сериозна тужба во западни судови подразбира и сериозна расправа за фактите – од сведоштва на поранешни соборци и команданти, до воени документи и архивски снимки. Доколку процесот навистина тргне, одбраната ќе мора да се соочи не само со новинарски текстови, туку и со материјалот што веќе го поседуваат италијанските истражители и меѓународните трибунали.
Во домашниот, српски контекст, мегапроектот „елитни адвокати против светските медиуми“ функционира како силен ПР-шилд. Тој ги мобилизира провладините медиуми, ја зацврстува перцепцијата дека „цел свет е против Србија“ и ја претвора секоја критичка сторија за минатото на Вучиќ во доказ за заговор, а не како поттик за расчистување на темната воена историја.
Но надвор од таа матрица, случајот „Сараево сафари“ останува многу повеќе од медиумска препирка. Тоа е тест дали Европа сериозно се занимава со воените злосторства и нивната политичка рехабилитација или е подготвена да „ги заборави“ во име на геополитички договори со лидери што денес им се потребни.
Александар Вучиќ може да влезе во судска битка со „Гардијан“, „Дејли меил“ и други редакции, можеби ќе успее да освои некоја пресуда, можеби ќе докаже дека некој претерал во формулација. Но, одговорот на клучното прашање – што точно правел на еврејските гробишта во опколеното Сараево и под чија команда – нема да го замени ниеден тим елитни адвокати. Тоа е работа на истрага, на обвинителства и, на крајот, на историјата.

