Во Струга одржана манифестацијата „Миладиновско слово“

Во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга беше одржано овогодишното издание на традиционалната манифестација „Миладиновско слово“, во организација на Фондацијата „Браќа Миладиновци“. Годинава настанот беше посветен на два големи јубилеи – 215 години од раѓањето на Димитрија Миладинов и 195 години од раѓањето на Константин Миладинов, основоположници на македонската книжевна и културна традиција.

Свечената програма започна со поетско-музички рецитал посветен на делото на Димитрија Миладинов, кој го изведе Христијан Миладинов. Публиката во Струга потоа имаше можност да слушне рецитали на повеќе песни од Константин Миладинов, интерпретирани од млади рецитатори и учесници на конкурсот што се организира во рамките на манифестацијата.

Манифестацијата официјално ја отвори претседателот на Фондацијата „Браќа Миладиновци“, Ристе Миладинов. Во своето обраќање тој нагласи дека зачувувањето и афирмирањето на делото на Миладиновци претставува силен столб на македонскиот културен идентитет и дека ваквите настани ја одржуваат живa врската меѓу класичното наследство и новите генерации автори и читатели.

Главната награда „Миладиновско слово“ годинава ѝ беше доделена на хрватскиот поет Дамир Марас, како признание за неговиот поетски придонес и творби инспирирани од наследството на Миладиновци. Признанието „Македонски автор на годината“ му припадна на Мирко Томоски, додека наградата „Млад автор на годината“ ја доби Мила Бојческа, која пред публиката настапи и со свое авторско читање.

Во рамките на чествувањето беше промовирана и нова збирка песни создадена по повод распишаниот конкурс, посветена на животот и делото на браќата Миладиновци и на нивното непрекинато влијание врз македонската и словенската книжевност. Со тоа манифестацијата уште еднаш ја потврди својата улога како простор каде што се среќаваат традицијата и современата поезија од регионот.

Настанот заврши со поетско дружење и оддавање почит кон богатото духовно и културно наследство што го оставија Димитрија и Константин Миладинов, а Струга уште еднаш се потврди како град во кој зборот и поезијата имаат особено место во јавниот и културниот живот.

Зачлени се на нашиот е-билтен