Денис Јанкуловски, познат како Космонаутко, во интервју за Рацин.мк, вели кога станува збор за активизмот, никогаш не треба човек да биде безгласен, односно да молчи ако мисли дека е во право. Или ако мисли дека може на некој начин да помогне.
„Особено кога се во прашање битни за човековите права, за нашите другарчиња, за животот и за билo која работа, едноставно, човек не треба да молчи. Сите доживуваме, гледаме што се случува, знаеме дека има закани, дека има реперкусии. Меѓутоа, никогаш не треба да се премолчува, затоа што има некој позади нас кој очекува од нас да бидеме гласни. Не треба да се има страв, меѓутоа секогаш, сепак да биде тоа паметно, мудро изведено. Да не биде избрзано и после да биде без резултати. Државата, системот кога тогаш ќе слушнат“, посочува Јанкуловски.
Тој сведочи од своето активистичко секојдневие дека гледа дека родителите, семејствата, старателите и сите блиски коишто се во нивно опкружување се борат, не со месеци, не со години, туку со децении.
„Некои се веќе и остарени во таа борба и немаат сила веќе да се борат, дефинитивно. Кога разговарам со нив што треба да се направи, сите се тие разочарани, гледајќи дека секогаш има само ветувања, секогаш има само сликања и прегрнувања. И супер е сето тоа. Меѓутоа, тука за жал, застанува она што е ветувањето во реализацијата, нема реализација“, укажува Јанкуловски Космонаутко.
Информациите за она што е вистински проблем, она што е вистинска потреба на овие семејства се кај нив, истакнува Јанкуловски.
„Не мора ниту мене некој да ме праша, ниту ниту било кој друг. Само треба да го слушнат нивниот глас, гласот на родителите, затоа што тие знаат како треба“, нагласува активистот Денис Јанкуловски Космонаутко во интервју за Рацин.мк.

