„За жал, некако сè на апели се сведува, а се надеваме на реализација. Семејствата веќе се изморени. Тие не се борат со една работа, не се борат само со состојбата или болеста што ја имаат. Дома се борат со зградата каде што живеат, за заедницата, со државата, со институциите и сега тоа е таа една борба се шири во многу, во бесконечност“, вели Денис Јанкуловски Космонаутко во интервју за Рацин.мк во кое пренесува искуства од своите активности за поголема свесност и внимание за децата со атипичен развој.
„Многу е полесно ако знаеш еден еден непријател, меѓутоа, ако треба да се бориш со цела армија, тогаш е многу потешко. И затоа треба да им помагаме и да најдеме начин. Да најдеме начин да им помагаме и да им олесниме колку можеме во таа борба, секој на свој начин“, истакнува Јанкуловски.
Тој вели дека има повеќе начини да се помогне и дека најважно е да се има желба и волја.
„Секој може на некој начин да учествува. Често, кога ќе зборуваме со некои луѓе јас им кажувам дека не значи дека моделот на Денис е најдобар. И јас се барав. Барав начин како да помогнам. Дали да биде на овој, на оној начин. Меѓутоа, токму ова е начин на којшто јас функционирам. За мене овој начин е вистинскиот. Некој друг ќе избере на некој друг начин“, посочува Денис Јанкуловски.
Тој вели дека искрениот и постојан контакт со семејствата и родителите на тие деца се многу важни.
„Потоа да ги нема сите оние стравови, стигми коишто постојат од состојбите за лицата со атипичен развој. Трето, треба да се прашуваат семејствата. Што ви треба? Како можам да помогнам? Исто како и јас што постапив кога ја запознав мојата муза, мојата инспирација, Ерато, како што често кажувам и семејството Кардула. Јас не знаев ништо дотогаш, меѓутоа во комуникација со нив, што треба, како можам да помогнам, што да направиме, каде да се направи, каде да се обратиме, начинот на којшто можам јас да помогнам… Секогаш ќе се најде начин“, истакнува во интервјуто за Рацин.мк Денис Јанкуловски Космонаутко, активист во чиј фокус се децата со атипичен развој.

