Од 10 декември Австралија влегува во нова дигитална ера: стапува во сила досега најстрогиот закон во светот за заштита на малолетници од штетноста на социјалните медиуми. Законот ќе им забрани на децата под 16 години да поседуваат или креираат профили на најголемите платформи, а технолошките компании ќе мора или да се прилагодат, или да се соочат со драстични казни.
Австралиската влада веќе објави список од десет платформи опфатени со забраната: Facebook, Instagram, Snapchat, Threads, TikTok, X, YouTube, Reddit, како и стриминг-платформите Kick и Twitch. Сите тие ќе мора да воспостават системи за филтрирање и верификација на возраста, со цел да спречат тинејџери до 16 години да имаат активни профили.
Американската компанија „Мета“, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, веќе им испрати известувања на корисниците во Австралија дека од 4 декември ќе почне со блокирање и бришење сметки за кои се сомнева дека им припаѓаат на деца на возраст од 13 до 15 години, а процесот треба да заврши до 10 декември – денот кога законот и формално стапува во целосна примена.
И другите платформи веќе ги менуваат правилата. Снепчет и низа услуги почнуваат да бараат дополнителни проверки на возраста: од врзување на профилот со банкарска сметка, па сè до доставување документ за идентификација или видео-селфи преку кое би се потврдила возраста. Регулаторите објавија детални упатства што значи „разумен чекор“ за да се спречи дете под 16 години да има профил, а корисниците кои ќе бидат погрешно „отфрлени“ ќе можат да поднесат приговор и да достават доказ за возраст.
Законот не ги опфаќа сите дигитални сервиси. YouTube Kids, Google Classroom и WhatsApp се изземени, бидејќи, според критериумите на владата, нивната главна намена не е класична онлајн социјална интеракција меѓу корисниците. Децата, исто така, и понатаму ќе можат да гледаат содржини на платформи како YouTube без да имаат сопствена сметка, но нема да смеат да креираат профил и да учествуваат во комуникацијата.
Австралискиот закон, донесен кон крајот на 2024 година, предвидува драконски казни – до околу 49,5 милиони австралиски долари – за платформите кои системски ќе го прекршуваат. Властите го бранат ова како мерка за јавно здравје: идејата е да им се „одложи“ контактот со социјалните мрежи и алгоритмите, барем до 16-годишна возраст. Комесарката за е-безбедност Џули Инман-Грант образложи дека ограничувањето треба да им даде на децата „простор да растат и да се развиваат без притисок од непрозирните алгоритми и бесконечното скролување“.
Премиерот Ентони Албанезе и министерката за комуникации Аника Велс јавноста ја убедуваат дека ова е политика „за доброто на нашите деца“, а паралелно тече и национална образовна кампања за подготовка на семејствата за новите правила. Но, индустријата жестоко реагираше. Технолошките компании прво настапија со аргументи дека законот е премногу груб, не ги следи навиките на корисниците и може да има несакани последици, за на крај – под притисок од заканата со казни – да преминат во режим на формално прифаќање и адаптација.
Критичарите предупредуваат и на можницe негативни ефекти: дел од тинејџерите се потпираат на социјалните мрежи за да градат заедница, да најдат поддршка или да останат во контакт со врсници и семејство. Според нив, строгата забрана може дополнително да ги изолира ранливите млади, а поефикасна стратегија би била систематска едукација за безбедно и критичко користење на интернетот и платформите, наместо целосен „off switch“.
Иако се работи за национален закон, внимателно ќе го следат и европските регулатори, каде веќе се води расправа за тоа дали постојните правила за заштита на децата во дигиталната сфера се доволни. Австралија, со овој чекор, практично тестира модел во кој државата презема директна контрола врз возраста на корисниците, а платформите стануваат одговорни да ја спроведат таа контрола – под ризик да платат милионски збир ако не успеат.

