Пред почетокот на второто рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“, движењето „Кој е Следен?“ утрово постави силна симболична порака пред Кривичниот суд во Скопје. На влезот од судот осамнаа десетици стилизирани очи – визуелен знак дека јавноста внимателно го следи секој чекор од судската постапка и дека институциите се под будно набљудување.
Герила-акцијата го отслика чувството кое преовладува во јавноста: дека ова судење претставува важен тест за кредибилитетот и независноста на институциите, како и за нивната способност да обезбедат транспарентна и правична разрешница. Поставените „очи“, иако тивки по форма, испратија јасна порака до сите вклучени во процесот — дека одговорност мора да постои, а секој обид за одолговлекување или влијание врз постапката внимателно ќе се следи.
Од движењето „Кој е Следен?“ велат дека ова е само прв чекор од нивниот организиран и континуиран мониторинг на судењето. Нагласуваат дека ќе реагираат секогаш кога ќе проценат дека постои ризик правдата да биде нарушена или компромитирана.
„Оваа трагедија не смее да стане уште една заборавена неправда. Се следи секој потег, секоја одлука останува запаметена“, порачуваат од движењето.
Со денешната герила-акција, случајот „Пулс“ повторно ја отвори темата за одговорноста и довербата во институциите, поставувајќи го јавниот надзор како клучен фактор во понатамошниот тек на судскиот процес.

