Во ексклузивен разговор за Рацин, европратеничката Ирена Јовева, родена и израсната во Словенија, но со длабоки македонски корени, отвора едно искрено и ретко интимно поглавје од својата биографија. За првпат со ваква јасност зборува за тоа како Македонија ја обликувала – и како човек, и како политичар со силно чувство за правда, припадност и различност.
„Никогаш не сум се срамела и никогаш нема да се срамам од моето потекло. Тоа е дел од мене што ме обликувало повеќе отколку што бев свесна како дете,“ вели Јовева. „Дома живеевме не помеѓу, туку со два света – словенечкиот и македонскиот. Никогаш не морав да бирам помеѓу нив. Многу добро знам што Словенија им даде на моите родители и мене – таа е мојата татковина. Но исто така знам колку е важно да знаеш од каде доаѓаш и како си стигнал до таму каде што си.“
Таа објаснува дека токму ова двојно наследство ѝ ја изградило чувствителноста кон различностите, кон стереотипите и кон предрасудите, но и ја научило дека идентитетот никогаш не смее да стане алатка за политички пазарења. „Идентитетот не е прашање на политика, туку на семејство, култура, јазик, сеќавања. Кога ќе го разберете тоа, никогаш нема да прифатите идентитет да се постави како точка на преговори.“
Во интервјуто, Јовева раскажува колку личната приказна ја изградила како политичар кој длабоко верува во европскиот проект – но не во оној бирократски и оддалечен, туку во Европа која се темели на почитување, рамноправност и признавање на различностите како заедничко богатство.
„Јас не сум ‘пола-пола’. Не сум малку од едното, малку од другото. Мојот идентитет е мое право. Тој ми даде поширок поглед кон светот – и можеби токму затоа решив да одам во европска политика. Затоа што верувам дека различните идентитети можат да бидат заедничка приказна. А јас сум некој кој искрено верува во таква приказна.“
Во разговорот кој го објавуваме наскоро, Јовева говори и за европските вредности, за предизвиците на Македонија во процесот на проширување, за злоупотребата на идентитетските теми и за тоа зошто политиката мора да биде сервис на граѓаните, а не терен за дневни борби.
Целото интервју со Ирена Јовева – утре на Рацин.мк.

