Започнуваат 16-те денови на активизам: Економската независност е клуч за безбедност на жените што претрпеле семејно насилство

По повод почетокот на Меѓународната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените“, Здружението ЕСЕ предупредува дека една од најдлабоките и најневидливи последици на семејното насилство е економската несигурност што ги следи жените и децата долго по напуштањето на насилната заедница. Насилството ретко завршува со физичкото заминување од домот – напротив, токму тогаш започнува економската борба за голо преживување.

Истражувањата на ЕСЕ укажуваат дека огромен дел од жените влегуваат во овој нов почеток со сериозно нарушена економска основа. Мнозинството биле ограничувани или спречувани да работат, а дел останале без работа како директна последица од насилството. Така, првите чекори кон независност се прават без сигурен приход и со зголемени трошоци за основен живот.

Особено тежок товар претставуваат здравствените трошоци кои произлегуваат од последиците на насилството – лекови, лекарски услуги, хоспитализации – трошоци кои, во голем дел, жените мора да ги подмират приватно поради ограничен пристап до навремени јавни услуги или недоволна системска поддршка. Паралелно со тоа, тие мора веднаш да обезбедат нов дом: да платат кирија, сметки, транспорт, основен мебел и секојдневни издатоци за себе и за децата.

Поради недостиг на соодветна институционална помош, многу жени се принудени да се задолжуваат. Повеќе од 90 проценти земаат кредити или позајмици од роднини и пријатели само за да опстанат во првите месеци по напуштањето на насилникот. Оваа должничка спирала е единствената стратегија за преживување во услови кога формалната поддршка е ограничена, недостапна или несоодветна.

Дополнителна пречка претставува и нефункционалниот систем за досудување и наплата на издршката за децата. Податоците покажуваат дека судски утврдената издршка често не ги покрива реалните трошоци, а во голем број случаи таа е исплаќана ненавремено, делумно или воопшто не пристигнува. Жените ретко ги користат законските механизми за наплата, од страв од одмазда или поради долгите и скапи постапки кои ретко носат резултат. Така, најчесто мајката е единствениот извор на приход за децата, без поддршка од државата или од другиот родител.

Во такви услови, економското осамостојување не е само прашање на развој – туку прашање на безбедност. Ако жената нема финансиска стабилност, секој обид да се извлече од насилството носи ризик од сиромаштија, повторна виктимизација и дури принудно враќање во опасната средина.

Здружението ЕСЕ ја повикува државата да воспостави систем на финансиска поддршка во првите 6 до 12 месеци по напуштањето на насилната заедница. Потребна е навремена помош за домување, здравствени трошоци, основни потреби и секојдневни издатоци, сè додека жените не се стабилизираат и не обезбедат сигурен приход.

Неопходно е и системско зајакнување на можностите за вработување, преквалификација и активирање на жените на пазарот на труд, во партнерство со државните институции и приватниот сектор. Подеднакво важно е воспоставување ефикасен и брз механизам кој ќе гарантира наплата на издршката за децата, со што ќе се елиминираат сегашните празнини кои ги оставаат семејствата без реална заштита.

Само со јасни, координирани и долгорочни мерки, жените што преживеале насилство ќе добијат вистинска можност за нов почеток – без страв, без долгови и без невозможни избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен