Многу германски домаќинства и оваа зима ќе се соочат со повисоки сметки за греење, пишува Дојче веле. Температурите паѓаат, а со почетокот на грејната сезона повторно се отвора прашањето: кој е најисплатливиот начин на греење – гас, нафта, централно греење, пелети или топлотна пумпа?
Пензионерката Елизабет Бенер од Франкфурт е една од многуте граѓани кои веќе побарале проверка на својот систем. Иако инсталатерот лесно го решил проблемот со нејзниот стар гасен котел, ја предупредил дека треба да размисли за замена за да избегне дефект среде зима.
Најскапо останува централното греење, најевтино топлотните пумпи и пелетите
Според пресметките на организацијата co2online, централното греење од топлана оваа година е најскапата опција. За семејна куќа од 130 квадратни метри годишниот трошок изнесува околу 2.300 евра. Греењето на гас или нафта исто така е високо во рангот – двете варијанти може да достигнат околу 2.000 евра.
Многу поисплатливи се топлотните пумпи, чии годишни трошоци изнесуваат околу 1.000 евра, приближно исто како и греењето на пелети.
Зошто растат цените на гасната мрежа?
Сметките за гас кај голем број домаќинства растат поради високите трошоци за гасната мрежа. Енергетскиот советник Петер Прајсендорф објаснува дека бројот на корисници на гас постепено се намалува, а трошоците за одржување на мрежата се распоредуваат на сè помал број приклучоци. Кај корисниците како Елизабет, мрежните трошоци веќе надминуваат 20% од сметката.
И покрај растечките трошоци, гасот и понатаму е најзастапен извор за греење во Германија: повеќе од половина од сите домаќинства се греат на гас, 17% користат нафта, 15% централно греење, а топлотните пумпи и струјата покриваат околу 7%.
Премин кон нови системи – првични успеси
Германија сака долгорочно да се откаже од гасот поради климатските цели. Речиси половина од сите емисии на CO₂ во земјата доаѓаат од секторот за греење. Сè повеќе општински комунални претпријатија најавуваат дека во следните 20 години ќе ги укинат гасните мрежи и ќе се префрлат на централни системи за греење и топлотни пумпи.
Оваа година, за прв пат, се продадени повеќе топлотни пумпи отколку гасни котли.
Општините мора да планираат однапред
Големите градови и општини над 100.000 жители до 2026 година мора да изработат планови за греење, додека помалите имаат две години повеќе. Но, експертите предупредуваат дека овие планови нема да им помогнат на граѓаните кои се соочуваат со итен дефект на греењето – тие мораат да реагираат веднаш и најчесто повторно поставуваат гасен уред.
Цената на CO₂ дополнително ја зголемува цената на гасот
Покрај мрежните трошоци, греењето на гас станува поскапо и поради растечкиот надомест за CO₂. Таа даночна ставка е воведена во 2021 година со 25 евра по тон CO₂ и денес изнесува 55 евра. Проекциите за 2030 година го ставаат износот меѓу 100 и 200 евра по тон.
Според пресметките на co2online, за просечна куќа од 130 квадрати, годишните трошоци за гас би можеле да пораснат до речиси 3.000 евра во следната деценија, а кај нафтата дури до 3.500 евра. Најисплатливи ќе останат топлотните пумпи и пелетот, со трошоци околу 1.500–1.600 евра, додека централното греење би можело да достигне и над 3.800 евра до 2035 година.
За Елизабет Бенер, замената на уредот станува неизбежна. Таа веќе закажала консултација со инсталатер – надевајќи се дека новиот систем ќе ѝ донесе барем мала заштеда на гас, пишува Дојче веле.

