Осум месеци откако објектот беше затворен поради небезбедни услови, Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ останува без одговор: дали ќе се гради нова зграда, ќе се реконструира старата или едноставно ќе продолжи тишината? А тишината ги боли најмногу тие што со децении ја полнеле сцената со живот.
Андон Јованоски – Ашата: „Кога разбрав дека се затвора театарот… нешто се откина од мене“
Актeрот во пензија Андон Јованоски – Ашата, легенда на прилепската сцена, со голема тага се сеќава:
„Кога разбрав дека се затвора театарот, … не знам, нешто се откина од мене. Многу тешко ми беше. Во таа дупка си ја викавме ние во времето. Се сеќавам, горе имаше многу дупки, цуреше на таванот. Затоа дупките ви кажувам – таков, таков објект беше. Ама работевме, правевме претстави, успешни претстави. Успешен театар беше.“
Андон Јованоски – Ашата
Ашата со горчина додава:
„Сега им се восхитувам на младите — без никакви услови работат. Не требаше да се затвори театарот. Колку објекти во цела Македонија не функционираат, а работат и ден-денес, а не се затворени. Во најтеатарскиот град најдоа театарот да го затворат! И спорт — двете сали ги затворија. Каде да одат младите?“
Неговиот повик не е само носталгичен — тој е аларм.
Катерина Чамакоска: „Секој ден после проба — суровата реалност дека немаш куќа“
Катерина Чакмакоска
Дел од младата генерација, актерката Катерина Чамакоска опишува драматични, емотивни недели по затворањето:
„Буквално плачевме кога дознавме… толку емотивни проби имаше. Ние теравме со проба. Се забораваше едно време на сите лоши околности — дека институцијата е затворена, а ние продолжувавме. И ќе заврши пробата… и се соочуваш со суровата реалност дека немаш куќа, немаш каде да ја дадеш премиерата, дека е сè неизвесно.“
Па додава:
„Што со претставите што се претходно на репертоар? Многу тешки месеци поминавме со целата екипа — не би ги посакала на никој. Тоа е како да одиш дома и да е заклучена куќата каде што живееш.“
Нејзиниот апел е чист и гласен:
„Апелирам од душа — да се средат работите. Да имаат слух за нас и градот и министерството. Да мрднат работите од мртва точка. Ние да си се вратиме дома. Дома.“
Илија Волчески – Волче: „Конечно се вработив после десет години чекање, а театарот – затворен“
Илија Волчески
За нововработениот актер Илија Волчески – Волче, парадоксот е уште поголем:
„Официјално започнав со плата од август, после десет години… веќе во единаесетта година чекање. А театарот – затворен. Моето вработување ми беше светла точка баш во тој период.“
Тој зборува за упорноста како наследена обврска:
„Проблеми имало многу — не само во Прилеп, во сите театри во Македонија. Сме ги занемарувале само за да одиме понатаму. Затоа прилепскиот театар успеал — од таа упорност што ни ја пренесоа старите генерации. Нè научија дека мора да се бориме со тие услови што ги имаме.“
Ашата заклучува со реченица што тежи повеќе од кој било извештај:
„Мора театар да се врати. Не може најтеатарскиот град да живее без театар.“
Македонија одамна има проблем со системско запоставување на културата, но затворањето на Прилепскиот театар е пример кој станува симбол на поширока суштинска криза.
Седум години се „тапка во место“ со проектот за нова зграда. Чекањето станува навика, а навиката — оправдување. Прилеп, град што со децении ја гради сопствената театарска традиција, денес бара нешто што никогаш не би требало да бара: право на основна културна инфраструктура.
Додека институциите молчат, актерите играат без сцена, а публиката останува без дом, државата ја губи една од најважните точки на културниот идентитет.
Ова не е административно прашање. Ова е национално културно достоинство.
Театарот не е зграда — но зграда мора да има
Театарот е жив организам, создаден од луѓето што играат, творaт и раскажуваат приказни. Но тој организам треба тело. Прилеп осум месеци живее без своето најважно културно тело.
И градот без театар е како човек без глас. А Прилеп заслужува да зборува — гласно.
Време е институциите да престанат да „тапкаат во место“ и конечно да одговорат: Дали Прилеп ќе добие нов театар, реконструиран театар или уште една година тишина?