На 25 ти ноември 2025 г. во Инокс иновативниот центар во Скопје се одржа завршниот настан на проектот Децата на 1-во место! финансиран од Европската Унија. Проектот во изминатите три години го имплементираше Фондацијата за образовни и кутурни инцијативи „Чекор по чекор“ во партнерство со Народниот правобранител/Одделот за заштита на правата на децата.
Во воведното обраќање Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондацијата Чекор по чекор рече „денес го одбележуваме не само крајот на проектот Децата на 1-во место! туку и продолжувањето на една поголема приказна која што три децении ја пишуваме со илјадници деца, наставници и семејства ширум државата. Ние продолжуваме со остварување на нашата мисија, затоа што секој ученик што научил да зборува за своите права, утре ќе биде возрасен човек што ќе знае да ги почитува правата на другите“.
Васка Бајрамовска-Мустафа, државна советничка при канцеларијата на Народниот правобранител истакна дека се залагаме за еднаквост на сите деца. „Токму затоа најдобриот интерес на детето беше во центарот на проектните активности. Упативме јасна порака: не е доволно само да зборуваме дека децата имаат права. Важно е децата да ги знаат правата и да се обезбедуваат услови истите да можат да се применуваат секојдневно. Детското учество е клучно, гласот на децата е моќен, па затоа кога децата зборуваат возрасните треба да слушаат. Кога децата се вклучени училиштата стануваат поубави, посигурни и побезбедни места за учење, другарување и меѓусебно почитување. Да продолжиме со вакви иницијативи за да изградиме училишта каде што секое дете ќе биде навистина на прво место!“
Во кратката панел дискусија, децата, ученички правобранители и претставници на Ученичките парламенти од проектните училишта ги споделија своите искуства од учеството во и придобивките од спроведувањето на проектот. „Не само што научивме многу за нашите права и за нашите обврски, туку и сфативме зошто е важно нашиот глас да биде слушнат во училиштето, станавме свесни зошто и колку е важно за нас учениците да бидеме прашани и да учествуваме во носењето одлуки-рече претставничката на Ученичкиот парламент на ООУ „Страшо Пинџур„ од с. Карбинци. „Научивме многу, но и стекнавме самодоверба и одлично се дружевме“ рече претставникот од Ученичкиот парламент на ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“-Скопје. За своите искуства од спроведувањето на проектот дискутираа и директорите и наставниците на петте проектни училишта.
На настанот исто така беа презентирани спроведените активности и постигнатите резултати од проектот.

