Во рамките на акцијата за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на ресторанот „Мечка” во Дебар Маало, информираат од општината.
Доградбата го блокираше тротоарот, дел од коловозот и пешачкиот простор.
„Нема да дозволиме узурпирање на јавен простор поради приватни интереси. За секој објект каде што ќе утврдиме нерегуларности ќе издадеме решение за негово отстранување”, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
По неколку опомени и непостапување по издадените забелешки, механизацијата излегла на терен, во координација со инспекциските служби, и ја отстранила незаконски поставената конструкција, која го попречуваше нормалното движење на пешаците и функционирањето на сообраќајот.
„Жителите на Дебар Маало ја поздравија акцијата и ослободувањето на просторот што подолго време беше бесправно узурпиран.
Во тек е обемна и континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти.
Целта е да се заштити јавниот интерес, како дел од пошироката стратегија за воспоставување ред во општината“ наведуваат од Општина Центар.

