Американскиот претседател Доналд Трамп деновиве зборува како да е на чекор до договор за Украина. НАТО-сојузниците, пак, слушаат друг тон. Генералниот секретар на Алијансата Марк Руте предупредува на претерани очекувања и потсетува дека „сме далеку од целта“, иако признава дека американскиот мировен план има „многу добри елементи“ што првпат сериозно ги седнуваат Киев и Вашингтон на иста маса околу иднината на војната.
Зад овој јаз во оптимизмот стои документ од 28 точки – американскиот мировен план за Украина, кој за неколку недели го смени карактерот: од текст што многумина во Европа го доживеаја како „премногу близок до Москва“ до ревидиран предлог што Киев го разгледува, а НАТО го нарекува основа што треба дополнително да се коригира.
План напишан на Запад – по руски терк
Првиот удар по кредибилитетот на иницијативата дојде од Ројтерс. Агенцијата, повикувајќи се на три извори, објави дека американскиот план во голема мера е изграден врз основа на „нон-пејпер“ подготвен во Москва и доставен до администрацијата во октомври.
Рускиот документ, според овие извори, ја скицирал рамката која Кремљ би ја прифатил: признавање на руската контрола врз делови од Донбас, долгорочни безбедносни гаранции што би ја ограничиле украинската армија, откажување од членство во НАТО и отворање простор за економска соработка и укинување на дел од санкциите. Американската верзија го превзела овој „скелет“ и го проширила во 28 точки, комбинирајќи теми од примирје, безбедносна архитектура во Европа, идни односи меѓу САД, Русија и Украина и план за реконструкција.
Иако подоцна некои од најконтроверзните формулации се исфрлени под притисок на украинските и европските партнери, фактот дека првичната верзија практично го следела рускиот предлог остави силен впечаток во европските престолнини: мирот се пишува во Вашингтон и Москва, а Европа се вклучува дури во втората верзија.
Тајната линија Виткоф – Кремљ
Драмата дополнително се разгоре со протекувањето на телефонскиот разговор меѓу специјалниот пратеник на Трамп, бизнисменот Стив Виткоф, и советникот на Путин, Јури Ушаков. Во транскриптот, кој го објавија западни медиуми, Виткоф открива „што ќе треба за да се заврши договорот“: целосна контрола на Русија врз Донецк и можен „пакет“ со размена на територии.
Во истиот разговор тој го советува Кремљ како да го „спакува“ предлогот – со пооптимистички јазик, кој би му овозможил на Трамп да го претстави како успех, а не како отворено прифаќање на руски услови. Разговорот се поврзува со 28-точниот план и ја храни перцепцијата дека американскиот тим не само што преговара со Русија, туку и тактизира како мировниот документ да помине кај домашната и меѓународната јавност.
Трамп во меѓувреме го брани својот пратеник, тврдејќи дека станува збор за „нормална дипломатија“ и најавувајќи дека Виткоф ќе замине во Москва за да ги продолжи преговорите. Американските медиуми известуваат дека токму тој ќе биде еден од клучните преговарачи во серијата паралелни средби со руски и украински претставници, што Трамп ги претставува како финална фаза на процесот.
Притисок врз Киев, флексибилен рок
Во јавноста, Трамп одигра класичен двоен настап: прво постави строг рок – Украина да го прифати планот до крајот на ноември – па потоа го повлече ултиматумот, велејќи дека „крајниот рок е кога се ќе биде готово“ и дека документот е „флексибилен“.
Со тоа, пораката до Киев беше јасна: прозорецот за договор е отворен сега, во момент кога САД се подготвени да ја рестартираат воената и финансиската поддршка, но не бесконечно. Дел од американските телевизии, повикувајќи се на извори од администрацијата, јавија дека украинската делегација постигнала согласност со Вашингтон околу рамката на можен договор и дека деталите ќе се доработуваат.
Украина во таква поставеност се обидува да го сочува она што го нарекува „три црвени линии“: да не се признаваат руските анексии надвор од линијата на фронтот, да не се дозволи модел кој го замрзнува конфликтот во корист на Москва и да не се прифатат ограничувања што би ја претвориле украинската држава во демилитаризирана зона без право на сопствена безбедносна политика.
Европа пишува сопствен контраплан
Додека Вашингтон и Москва ги разменуваат верзиите на документот, Европа се обидува да избегне улога на статичен посматрач. Британија, Франција и Германија – т.н. Е3 – подготвија сопствен контрапредлог во кој, точка по точка, го коригираат американскиот текст.
Според информациите што протекоа, европскиот документ инсистира на поцврсто потврдување на украинскиот суверенитет, на појасни гаранции дека нема да се легализираат територијални освојувања и на поинклузивен процес во кој Киев има реална тежина во одлуките, а не само формално учество. Дел од европските аналитичари отворено предупредуваат на „ехо од 1938-та“ – страв дека зад затворени врати би можело да се роди нов Минхен, во кој една држава попушта под притисок за да се зачува привиден мир на континентот.
Руте меѓу оптимизмот и скепсата
Во таков контекст настапува Руте. Како нов генерален секретар на НАТО, тој нема луксуз да го отфрли американскиот план – особено откако Алијансата месeci работеше да го „задржи“ Трамп во рамките на колективната безбедност. Напротив, Руте во интервјуа нагласува дека документот има „многу добри елементи“ и дека позитивно е тоа што конечно постои структурирана рамка за разговори.
Но во исто време, тој постојано додава резерви. Планот, вели Руте, мора да се доработи, некои точки да се прецизираат или изменат, а најважно е да не се создаде илузија дека сме на чекор од конечен договор кога на терен продолжуваат жестоки борби и постојат суштински несогласувања околу границите, идниот статус на украинската армија и безбедносните гаранции за Европа.
Неговата скепса е двојна: од една страна, дали украинското општество и политички елитa ќе прифатат договор што подразбира територијални компромиси; од друга, дали Европа може да живее со безбедносна архитектура во која руските „зони на интерес“ се практично врежани во договор потпишан под американско посредништво.
Трамп, пак, во јавносто настапува со познатата формула – „само јас можам да донесам договор“ – и ги користи секоја прес-конференција и интервју за да го повтори наративот дека планот носи „брз мир“, додека противниците на неговата иницијатива наводно го продолжуваат војувањето. Таа реторика добро функционира во внатрешнополитички контекст, но ја комплицира позицијата на Киев и европските лидери, кои мора да објаснат зошто не секој мир на хартија значи и трајна безбедност.
Мир меѓу хартија и терен
Расплетот на оваа дипломатска игра ќе зависи од неколку паралелни линии: колку далеку е подготвен да оди Киев во прифаќањето компромиси; дали Москва ќе се задоволи со делумен успех што ќе го продаде дома како историска победа; и како Европа ќе го балансира сопствениот страв од ескалација со стравот од „лош мир“ што само ќе го цементира рускиот ревизионизам.
За сега, Трамп притиска за брз договор и испраќа пратеници во Москва, додека Руте и европските лидери се обидуваат да ја задржат главата ладна и да го претворат американскиот план од потенцијално ризичен документ во рамка што навистина ќе донесе стабилност. Дали ќе успеат – ќе го одлучат не само преговарачките сали, туку и тоа што ќе се случува на фронтот во следните месеци.

