Премиерот Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска одговарајќи на новинарско прашање околу еветуални предвремени парламентарни избори рече дека 2026 ќе била „предизвикувачка година“.
– Дали ќе има избори понатаму, јас апсолутно во моето воведно излагање денеска кажав дека следната година 2026 ќе биде предизвикувачка година. Треба да се обезбедат повеќе од 2,2 милијарди евра да се вратат долговите од минатото. Доколку ние би формирале техничка влада, таа има лимитирани маневарски способности и ќе биде многу тешко да го продолжиме овој тренд којшто го имаме оваа година и втората половина од претходната година, посебно во делот на економијата, рече Мицкоски.
Мицкоски потврди дека неговата партија ќе настапи на повторените избори во сите четири општини кои не избраа градоначалник на изборите во октомври.
– На 6 декември имаме Конгрес, редовен, фокусирани сме на тоа. Но, тоа што знам е дека се подготвуваме и за тие избори, веќе оној формален дел е започнат. Изминатиот викенд веќе имав состанок со правната комисија на партијата, се подготвуваат сите оние неопходни документи согласно законите. Така што, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе настапат на тие избори, а во која форма дополнително ќе одлучуваме, рече Мицкоски.

